Продолжувајќи ја катехезата за расудувањето на Генералната аудиенција, папата Фрањо истакна дека близината со Бога, ако му се обраќаме како на пријател, го победува стравот од искушението дека неговата волја не е за наше добро. Додека тој, напротив, никогаш не нѐ остава, дури и кога се оддалечуваме
Близината со Бога, во молитвата изговорена со љубов, обраќајќи му се како на пријател, го победува стравот дека неговата волја не е за наше добро, дека прифаќањето на неговиот предлог значи да си го упропастиш животот. Сосема спротивното; знакот на средбата со него е радост, а тагата и стравот се знаци на оддалечување од него – истакна папата Фрањо во четвртата катехеза посветена на духовното расудување, одржана за време на Генералната аудиенција во среда 28 септември 2022 година
Да молиме спонтано за да влеземе во интимност со Бога
Папата се фокусираше на првиот елемент на расудувањето, молитвата, која – како што рече – е незаменлива помош во сфаќањето за она што се случува во нас; чувства, идеи, до каква одлука ме водат; и пред сè кога тоа вклучува чувства, овозможувајќи ни да му се обраќаме на Бог едноставно и интимно, како што се зборува со пријател.
Вистинската молитва не е папагалско повторување. Вистинската молитва е токму оваа спонтаност и приврзаност кон Господ. Оваа близина го победува стравот или сомнежот дека неговата волја не е за наше добро, што е искушение кое понекогаш ни поминува низ умовите и ги прави нашите срца немирни и несигурни – истакна Папата. Некои се плашат дека сериозно прифаќањето на неговиот предлог значи уништување на нашите животи, умртвување на нашите желби, нашите најсилни копнежи.
Овие мисли понекогаш влегуваат во нас: дека Бог бара премногу од нас. Дека навистина не нè сака. Меѓутоа, на нашата прва средба видовме дека знакот на средбата со Господ е радоста. Кога ќе го сретнам Господа, станувам радосен. Напротив, тагата или стравот се знак на оддалеченост од него.
Оној што се оддалечува од Исус никогаш не е задоволен
„А ако сакаш да влезеш во животот, пази ги заповедите”, му вели Исус на богатото момче од Евангелието по Матеј (19, 17), бидејќи некои пречки не му дозволувале да ја оствари желбата што ја носел во своето срце, одблиску да го следи „добриот учител“. Беше заинтересиран – потсети Папата – презеде иницијатива да се сретне со Исус, но беше и многу поделен во своите чувства; богатството му било премногу важно. Исус не го принудува да донесе одлука, но Матеј вели дека младиот човек си заминал тажен.
Кој се оддалечува од Господ – додаде Папата – никогаш не е задоволен и покрај тоа што има на располагање големо изобилство на добра и можности. Исус никогаш не нè принудува да го следиме. Ни ја кажува својата волја, но нè остава слободни.Тоа е најубавото нешто во молитвата со Исус: слободата што ни ја остава.
Пријателски однос со Господ, пријател кој разговара со пријател
Да молиме за оваа оваа милост – рече папата Фрањо, цитирајќи го свети Игнатиј од Лојола – да живееме пријателски однос со Господ, како што пријателот разговара со пријател. Исусови пријатели како стариот собрат на Папата, вратар во институтот, кој секогаш кога можеше се приближуваше до капелата, ќе погледнеше во олтарот и ќе кажеше: „Чао“, бидејќи беше близок со Исус. Ова е односот што треба да го имаме во молитвата: блискост, блискост, како браќа, блискост со Исус.
Ова е благодатта за која треба да молиме, еден за друг: да го гледаме Исус како наш најголем пријател, наш верен пријател кој не нѐ уценува, а пред се кој никогаш не нѐ напушта, дури ни кога се оддалечуваме од него. Тој останува на вратата на срцето. Ние велиме: Не сакам ништо со тебе. И тој молчи, останува таму при рака, на дофат на срцето, бидејќи Тој е секогаш верен – истакна папата Фрањо.
Ватикан њуз/к.мк