Папата Фрањо вечерта на 24 ноември 2017 година во базиликата Свети Петар во Ватикан ја предводеше молитвата за мир во светот, а посебно за мир во двете африкански држави, имено Јужен Судан и Демократска Република Конго. Настанот е дел од меѓународната иницијатива, која има за цел да се повикаат христијаните во целиот свет да се приклучат на молитвата за мир.
Потсетуваме дека од 2013 година во Јужен Судан беснее граѓанска војна во која се убиени околу 300 илјади луѓе, а 3,5 милиони мораа да ги напуштат своите домови, предизвикувајќи ја една од најголемите светски хуманитарни катастрофи. Демократска Република Конго пак веќе со децении се соочува со насилство и корупција, а во моментот поминува низ голема напнатост поради одложените претседателски избори. Кон тоа, многу покраини во таа голема африканска земја богата со природни ресурси се погодени од судири, вклучувајќи ја и покраината Касаи, која е богата со дијаманти, а судирите се последица на сложените политички, економски, етнички и верски околности. И во двете земји децата се злоупотребуваат и се користат во борбите, а силувањето се користи како воено оружје, посебно во Демократска Република Конго.
Господ нека ги сруши ѕидовите на непријателствата кои денес ги поделуваат браќата и сестрите, посебно во Јужен Судан и Демократска Република Конго – истакна папата Фрањо за време на неговиот говор. Господ нека ги утеши оние жени кои се жртви на насилството во воените подрачја и во целиот свет. Нека ги заштити децата, кои страдаат поради судирите во кои немаат удел, но кои им го земаат нивното детство, а понекогаш и нивните животи.
Господ нека им помогне на малите и сиромашните во нашиот свет за да продолжат да веруваат и да се надеваат дека Царството Божјо се приближи, дека е меѓу нас, и дека тоа е „правда и мир и радост во Светиот Дух“ (Римјаните 14,17) – истакна Светиот Отец и на крајот рече: Нека ги поддржи сите оние кои од ден на ден настојуваат со добро да се борат против злото, како и со зборови и дела на братство, почит, средба и солидарност.
РВ/к.мк