На Генералната аудиенција во среда, 11 јуни 2025 година, папата Лав XIV се молеше за жртвите, нивните семејства и сите засегнати од масовното пукање во средно училиште во Грац, Австрија.
За време на Генералната аудиенција во среда, папата Лав XIV ги спомена жртвите од вооружениот напад што се случи на 10 јуни во училиште во Грац, Австрија. Тој ја вети својата молитва за сите погодени од трагедијата.
„Моите мисли се со семејствата, наставниците и учениците,“ рече Папата, молејќи го Бог „да ги прими овие деца во Својот мир.“
Во раните утрински часови во вторникот, 21-годишен поранешен ученик отворил оган во средното училиште „Драјершиценгасе“. Десет лица, меѓу кои едно возрасно лице, загинале, а десетици други се повредени. Ова се смета за еден од најтешките насилни инциденти во поновата историја на Австрија.
Државата прогласи тридневна национална жалост, а канцеларот Кристијан Штокер го опиша настанот како „црн ден во историјата на нашата земја“, чин на „незамисливо насилство“ и „национална трагедија што не потресе сите“.
Неколку европски лидери изразија сочувство по нападот. Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, истакна дека училиштата треба да бидат „симболи на младоста, надежта и иднината“, подвлекувајќи дека е „тешко да се поднесе кога училиштата стануваат места на смрт и насилство.“
Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика, Каја Калас, ја изрази својата потресеност и повтори дека „секое дете треба да се чувствува безбедно во училиштето и да учи ослободено од страв и насилство.“
Ватикан њуз/к.мк