Средбата ги поврза првиот Папа роден во Соединетите Американски Држави и еден од најпознатите католички евангелизатори во земјата, двајцата со длабоки корени во сојузната држава Илиноис.
Папата Лав XIV овој месец прими мошти од блажениот Фултон Џ. Шин од претставници на Епархијата Пеорија во Илиноис, во еден значаен момент што ги поврза првиот Папа роден во Соединетите Американски Држави и еден од најпознатите современи католички евангелизатори во земјата.
Епископот на Пеорија, Луис Тилка, придружуван од монсињор Џејсон Греј, извршен директор на Фондацијата „Архиепископ Фултон Џ. Шин“, се сретна со Светиот Отец на приватна аудиенција на 5 октомври.
Аудиенцијата следуваше по долгоочекуваното прогласување на Шин за блажен. Тој беше пионер на католичкото радио и телевизија, а постапката за негово прогласување за светител беше особено поддржувана од неговата матична епархија во централниот дел на Илиноис. Средбата имаше дополнително значење бидејќи и папата Лав XIV и блажениот Фултон Шин се поврзани со сојузната држава Илиноис.
По аудиенцијата, епископот Тилка ја истакна длабоката духовна поврзаност и црковната традиција поврзани со овој дар.
„За мене беше длабока радост и привилегија да се сретнам со нашиот Свет Отец, папата Лав XIV, и да му подарам мошти од блажениот Фултон Џ. Шин во име на Епархијата Пеорија и на сите оние кои се молеа и ја поддржуваа постапката за архиепископот Шин“, рече Тилка.
„Во Католичката црква постои прекрасна традиција на Светиот Отец да му се подаруваат мошти од светители и блажени, а овој момент за мене имаше особено значење. Папата Лав XIV во повеќе наврати зборуваше за архиепископот Шин и ја изрази својата почит кон неговото извонредно сведоштво на верата, неговата способност да го навестува Евангелието преку средствата за комуникација што му биле достапни во неговото време и неговото мисионерско срце. Во деновите околу беатификацијата, Светиот Отец повторно го посочи архиепископот Шин како пример за пронаоѓање нови начини за ширење на Евангелието.“
Монсињор Греј го истакна историското значење на моментот во кој моштите на проповедникот роден во Илиноис беше предадена во рацете на првиот американски Папа.
„Длабоко сум благодарен за интересот на Светиот Отец за блажениот Фултон Шин и за неговата поддршка, која ни овозможи да ја прославиме оваа долгоочекувана беатификација“, рече Греј.
„Да се стават мошти од овој син на Епархијата Пеорија во рацете на првиот американски Папа, при што и двајцата потекнуваат од Илиноис, беше особено трогателен момент. Се надевам дека овие мошти ќе служи како потсетник за тоа кој беше Фултон Шин и за мисијата на која толку целосно ѝ се посвети: да му го донесе Исус Христос на светот. Интересот на Светиот Отец за архиепископот Шин нè потсетува дека неговото сведоштво продолжува да ѝ говори на Црквата и денес и нè предизвикува сите да го навестуваме Евангелието со истата увереност и радост.“
Предавањето на мошти останува траен знак на наследството на блажениот Фултон Шин како извонреден комуникатор, чие влијание и понатаму одекнува во целата Католичка црква, од неговиот роден Илиноис до Ватикан.
ЕВТН/Од Алиса Марфи/к.мк

