Папата Лав XIV повика да се чува богатството на црковното заедништво, извор на мир за сите

Папата Лав XIV повика да се чува богатството на црковното заедништво, извор на мир за сите

Папата Лав XIV испрати видео порака до учесниците на конференцијата во Рим посветена на универзалното лице на Црквата во Кина и ги повика католиците да го чуваат единството што се остварува во различноста.

Папата Лав XIV во четврток, 5 ноември 2026 година, испрати видео порака до учесниците на меѓународната конференција „Лицето на универзалната Црква во Кина. Сто години од ракополагањето на првите кинески епископи“.

Конференцијата се одржува на Папскиот универзитет Урбанијана во Рим, во организација на Дикастеријата за евангелизација, Одделот за прва евангелизација, во соработка со Универзитетот.

Во својата порака Светиот Отец потсети на шесте кинески католички епископи кои пред сто години отпатувале од Шангај во Рим, каде што на 28 октомври 1926 година во базиликата „Свети Петар“ биле ракоположени за епископи од папата Пиј XI.

„Нивното ракополагање беше настан од големо значење, како за патот на Католичката црква во Кина, така и за универзалната Црква“, рече папата Лав.

Светиот Отец потсети и на Апостолското писмо Maximum illud на папата Бенедикт XV од 1919 година, во кое се нагласува дека мисионерското делување на Црквата не смее да се меша со колонизација или културно наметнување.

Евангелието, нагласи Папата, расте таму каде што е посеано благодарение на Божјата благодат, а неговата плодност не зависи од човечки стратегии.

„Црквата, која се раѓа од мисијата и од првото навестување на Евангелието, со радост ги прифаќа особеностите и нијансите на народите меѓу кои е повикана во љубовта да сведочи за Христос“, рече Светиот Отец.

Единство во различноста

Папата потсети дека на првиот Општ собор на Црквата во Кина, одржан во Шангај во 1924 година, била изразена силна желба водството на локалните црковни заедници постепено да им биде доверено на кинески свештеници и епископи.

„Беше неопходно да се започне и поттикне овој процес за да се остане верен на самата природа на Црквата, чие единство не е униформност, туку заедништво во различноста“, истакна папата Лав XIV.

Католичката вера ги прифаќа особеностите на луѓето и народите во различните култури, продолжи Папата, препознавајќи дека и самиот Бог го повикува секој човек со неговите единствени дарови и особености.

„Црквата живее меѓу народите со пријателство и со близина кон нивните надежи и благородни стремежи“, рече тој.

Заедништво со наследникот на Петар

Потсетувајќи на мисионерскиот епископ Свети Торибио де Могровехо, папата Лав истакна дека секој епископ ја прима и ја извршува својата мисија во заедништво со наследникот на Петар и со епископите ширум светот.

Шесте кинески епископи кои биле ракоположени во 1926 година го поминале патот од Кина до Рим „за да сведочат за заедништвото што цвета од верата на апостолите“, чиј видлив знак е единството на секој епископ со Римскиот епископ.

„Тоа е прекрасен, бесплатен и утешен знак, ослободителна врска, близина што влева доверба и, пред сè, пројава на таинството ба Мистичното Тело Христово“, рече Светиот Отец.

Потсетувајќи и на учењето на папите Бенедикт XVI и Фрањо, Лав XIV истакна дека Католичката црква во Кина никогаш не била лишена од „службата на законити пастири кои го зачувале непрекинато апостолското наследство“.

Богатството на црковното заедништво

На крајот од својата видео порака Папата се осврна на „радоста и гордоста“ што ракополагањето на шесте кинески епископи ги разбудило меѓу католиците во Кина.

Според Светиот Отец, тој настан придонел недовербата, сомнежите и непријателството постепено да бидат надминати.

„Денес, во свет растргнат од конфликти и преплавен со војни, Невестата Христова ја продолжува истата мисија, молејќи се Господ, пред секоја закана, да го зачува богатството на црковното заедништво, плоден извор на добрина и мир за сите“, порача папата Лав XIV.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот