Папата Лав: Нека замолкнат оружјата во Иран

Папата Лав: Нека замолкнат оружјата во Иран

На неделната молитва „Ангел Господов“ папата Лав ги повика околу 15.000 ходочесници собрани на плоштадот „Свети Петар“ да се молат „да престане татнежот на бомбите, да замолкнат оружјата и да се отвори простор за дијалог, во кој ќе се слушне гласот на народите“.

По молитвата „Ангел Господов“ на плоштадот „Свети Петар“ во недела 8 март 2026 година, мислите на папата Лав се насочија кон Блискиот Исток, од каде што, како што рече, „и понатаму пристигнуваат вести што предизвикуваат голема вознемиреност“.

Обраќајќи им се на околу петнаесет илјади ходочесници собрани на плоштадот, Папата посебно го спомна „насилството и разурнувањето“, како и „распространетата клима на омраза и страв“ во Иран и во целиот регион.

Тој искажа и стравување дека конфликтот би можел повторно да ги вовлече соседните земји, како „саканиот Либан“, во „нестабилност“.

Папата Лав ги повика присутните да се молат „да престане татнежот на бомбите, да замолкнат оружјата и да се отвори простор за дијалог, во кој ќе се слушне гласот на народите“.

Тој рече дека својата молитва ѝ ја доверува на Марија, Царица на мирот, и ја замоли „да застапува за оние што страдаат од војната“ и „да ги води срцата по патиштата на помирување и надеж“.

Пред една недела, на претходната неделна молитва „Ангел Господов“, папата Лав XIV изрази „голема загриженост“ поради состојбата на Блискиот Исток и во Иран.

„Стабилноста и мирот не се градат со меѓусебни закани, ниту со оружје што сее разурнување, болка и смрт, туку единствено преку разумен, автентичен и одговорен дијалог“, рече тој.

Папата предупреди на огромната трагедија доколку насилството излезе од контрола.

„Соочен со можноста за трагедија од огромни размери, упатувам искрен апел до вклучените страни да ја преземат моралната одговорност и да ја запрат спиралата на насилство пред таа да стане непоправлива бездна“, истакна тој.

Папата Лав се помоли народите да се вратат на дијалогот за да се бара мир.

„Дипломатијата нека ја врати својата улога и нека се промовира доброто на народите, народите кои копнеат по мирен соживот заснован на правда“, рече тој. „И да продолжиме да се молиме за мир.“

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот