Во својата порака до меѓурелигиската конференција во Бангладеш папата Лав XIV ја потврди посветеноста на Католичката црква да чекори по патот на мирот заедно со другите религии.
Во вторник 9 септември 2025 година, Папата Лав XIV испрати порака до „Конференцијата за меѓурелигиски дијалог и хармонија“, што се одржува во Дака, Бангладеш, од 6 до 12 септември.
Пораката ја прочита кардинал Џорџ Коовакад, префект на Дикастеријата за меѓурелигиски дијалог, во присуство на монс. Индунил Јанакаратне Кодитуваку Канканамалаге, секретар на истата Дикастерија.
Во своето обраќање, Папата ја изрази поддршката за меѓурелигискиот дијалог и за темата на настанот: „Промовирање на култура на хармонија меѓу браќата и сестрите“. Тој им посака на учесниците дар на мир кој е „невооружен и разоружувачки, смирен и истраен“.
Темата, како што истакна, произлегува „од уверувањето дека човечката заедница навистина е една – по потекло и по судбина под Бога“.
Папата нагласи дека човечкото семејство ја носи и можноста и одговорноста да гради култура на хармонија и мир. Притоа, тој посочи дека „културата“ може да се сфати на два начина: како богато наследство на уметност, идеи и институции што го обележуваат секој народ, но и како негувана средина што овозможува раст.
Тој ги повика верниците да негуваат култура што го поддржува растот, обезбедувајќи „сончева светлина на вистината, вода на милосрдието и почва на слободата и правдата“.
Папата се наврати и на времињата кога недовербата и сомнежот преовладувале меѓу културите, предупредувајќи дека плевелот на дисхармонијата тогаш го задушува мирот.
„Заедно, како сопатници во меѓурелигискиот дијалог,“ рече тој, „сме како градинари кои го обработуваат полето на братството – за да биде дијалогот плоден и за да се искорени плевелот на предрасудите.“
Папата ја пофали конференцијата во Бангладеш како „величествено сведоштво“ дека разликите во верата или потеклото не треба да нè разделуваат.
„Кога луѓе од различни култури и религии се среќаваат во дијалог,“ продолжи тој, „тие ги здружуваат силите против поделбите, омразата и насилството. Каде што други сеат недоверба, ние избираме доверба. Каде што други поттикнуваат страв, ние се стремиме кон разбирање. Каде што некои гледаат разлики како бариери, ние ги препознаваме како патишта за заемно збогатување.“
Според Папата, културата на хармонија не се гради само врз идеи, туку пред сè врз споделени искуства. Вистинската мерка на меѓурелигиското пријателство, како што рече, е кога верници од различни религии заеднички работат за доброто на ранливите во општеството. Тој ги пофали примерите од Бангладеш, каде луѓето стоеле рамо до рамо во време на природни катастрофи и трагедии.
„Таквите гестови градат мостови – меѓу религиите, меѓу теоријата и практиката, меѓу заедниците,“ нагласи тој, „така што сите Бангладешани, а навистина и целото човештво, можат да преминат од сомнеж кон доверба, од изолација кон соработка.“
Папата Лав XIV ја потврди и решеноста на Католичката црква да чекори по патот на мирот и дијалогот заедно со другите религии.
„Понекогаш недоразбирањата или раните од минатото можат да ги забават нашите чекори,“ рече тој. „Сепак, мора да се охрабруваме едни со други да истраеме. Секоја групна дискусија, секој заеднички проект за служење, секој споделен оброк, секоја љубезност кон сосед од друга вера – тоа се тули од кои се гради, како што рече свети Иван Павле II ‘цивилизација на љубовта’.“
На крајот, Папата ги увери верските лидери собрани во Дака во својата братска љубов и се помоли Бог Бангладеш да биде благословен со „сè подлабока хармонија и мир“.
Ватикан њуз/к.мк