Папата Лав: Да го прифатиме богатството на Amoris laetitia

Папата Лав: Да го прифатиме богатството на Amoris laetitia

Во проповедта прочитана од кардиналот Луис Антонио Тагле на завршната света Литургија од ватиканската средба по повод 10-годишнината од Amoris laetitia, папата Лав XIV ја повика Црквата пасторалните насоки од апостолскиот поттик да ги преточи во конкретниот живот на семејствата.

„Денес, додека ја славиме Евхаристијата, Му ги принесуваме на Господ плодовите од работата што ја извршивме“ за Amoris laetitia, „и настојуваме да го прифатиме нејзиното богатство и да ги примениме нејзините пасторални насоки“, рече папата Лав XIV во средата, 14 октомври 2026 година, во проповедта подготвена за завршната света Литургија на црковната средба по повод 10-годишнината од апостолскиот поттик на папата Фрањо за љубовта во семејството.

Проповедта на Светиот Отец ја прочита кардиналот Луис Антонио Тагле, новиот декан на Кардиналскиот колегиум и про-префект на Дикастеријата за евангелизација.

Филипинскиот кардинал ја предводеше светата Литургија наместо Папата, кој закрепнува во римската болница „Џемели“ по операцијата извршена во вторникот за отстранување на „мал, локализиран јазол“ од белите дробови.

Семејството, „икона на Божјата љубов“

Во својата проповед, папата Лав размислуваше за семејството како „чувствена, духовна и пожртвувана заедница“ и како „икона на Божјата љубов“. Христијанските семејства и заедници, рече тој, треба „да созреваат во љубовта“, која треба да стане „темел на нашите семејства“.

Оваа љубов, продолжи Папата, вклучува и воспитување за „важноста на доблестите“, особено на чистотата, која е „од непроценлива вредност за вистинскиот раст на љубовта меѓу луѓето“.

Папата Лав потоа ја нагласи важноста на сведоштвото што го даваат родителите и децата, младите и старите, преку кое вистината на Евангелието се шири низ целиот свет.

Да растеме како „семејство на семејства“

Тој ги охрабри католиците да ја живеат Исусовата заповед да се љубат едни со други, „за да можеме да растеме како Црква која е ‘семејство на семејства’“, преземајќи го изразот што го употребуваше папата Фрањо.

Особено оние што се најранливи или се соочуваат со тешкотии, рече Папата, треба да бидат „опкружени со љубов и заштитени од осудување“.

Почитување на животот

Светиот Отец уште еднаш ги нагласи „вредностите на отвореноста за животот и почитувањето на животот од зачнувањето до природната смрт“, истакнувајќи дека „без силни семејства, отворени за дарот на децата и внимателни кон нивното воспитување и раст, светот нема иднина“.

На крајот, папата Лав ги охрабри семејствата повторно да ја заживеат молитвата во домот и ја истакна важноста од заедничкото учество на неделната света Литургија, велејќи: „Затоа силно ги охрабрувам сите повторно да ги откријат и да ги поттикнуваат овие практики“.

Заедништво со наследникот на свети Петар

Пред крајот на проповедта, кардиналот Тагле, потсетувајќи дека ја предводи светата Литургија по посебно овластување од папата Лав XIV, јавно го објави „црковното заедништво“ што Папата веќе му го доделил на Халдејскиот патријарх на Багдад, Павле III Нона, избран во април оваа година.

„Заедништвото на еден патријарх со Петровиот наледник потсетува на древна практика со која се потврдува единството во верата и љубовта меѓу една патријаршиска Црква и Римскиот Престол, а во тоа време и меѓу самите Цркви“, рече кардиналот Тагле.

Присуството на Патријархот на светата Литургија, продолжи тој, „ни помага подобро да го разбереме нашиот идентитет како Црква, која е заедништво во Христос Господ на Црквите од различни обреди и традиции, во единство што на видлив начин се изразува со наследникот на Петар“.

Да ги довериме семејствата на Светото Семејство

Кардиналот Тагле ја заврши проповедта со повик „сите семејства и целата Црква да ги довериме на Светото Семејство од Назарет“, со молитвата на папата Фрањо од крајот на Amoris laetitia:

Свето Семејство од Назарет,
дај и нашите семејства
да станат места на заедништво и молитва,
вистински училишта на Евангелието
и мали домашни Цркви…
Семејствата никогаш повеќе да не искусат
насилство, отфрлање и поделби;
сите што биле повредени или соблазнети
нека најдат утеха и исцеление…
помогни ни повторно да станеме свесни
за светоста и неповредливоста на семејството
и за неговата убавина во Божјиот план.
Исусе, Маријо и Јосифе,
милостиво услишете ја нашата молитва. Амин.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот