Папата Лав XIV: „Турција има клучна улога за мирот на Блискиот Исток и Украина“

Папата Лав XIV: „Турција има клучна улога за мирот на Блискиот Исток и Украина“

Во папскиот авион на пат кон Либан, Папата зборуваше за Никеја, светскиот мир, улогата на Анкара и надежта за јубилејот во 2033 година.

На пат од Истанбул кон Бејрут, папата Лав XIV одржа кратка средба со новинарите што го придружуваа на неговото прво апостолско патување. Во разговор обележан со искреност и дипломатија, Светиот Отец им се заблагодари на турските власти за нивното гостопримство, зборуваше за мирот во Украина и Газа и ја потврди можноста христијаните да го прослават Јубилејот на откупувањето во Ерусалим во 2033 година.

Турција – мост меѓу религиите и клучен партнер за мир

Папата Лав XIV започна со тоа што рече дека неговата посета на Турција била „прекрасно искуство“ и ја нагласи важноста на прославата на 1700-годишнината од Првиот Вселенски собор во Никеја. Тој изрази благодарност за напорите на турската влада, вклучително и личната посветеност на претседателот Реџеп Таип Ердоган, за беспрекорната организација на посетата.

На прашањето на новинарот Бариш Шекин (Anadolu Ajansi) за улогата на Турција во регионалниот и светскиот мир, Папата истакна дека земјата е пример за соживот меѓу различните религии. Тој нагласи дека дијалогот со претседателот Ердоган бил важен дел од посетата токму поради темата за мир:

„И покрај разликите, луѓето можат да живеат во мир. Турција има посебен потенцијал да биде посредник и глас на стабилноста“, рече тој.

Газа и Украина: Светиот Престол и Анкара – слични позиции, но мирот сè уште не е постигнат

На прашањето на новинарката Сејда Канепа (НТВ) за Газа и Украина, папата Лав XIV изјави дека Светиот Престол со години го поддржува решението „две држави за два народа“. Тој нагласи дека Израел сè уште не ја прифатил оваа формула, но дека таа останува единствениот реалистичен пат кон стабилност:

„Ние сме пријатели и на Израел и на Палестина; се стремиме да бидеме посредници на правдата“, рече Папата.

Во врска со Украина, Лав XIV потсети на улогата на Турција во обидите за медијација и за овозможување на таканаречениот „коридор за жито“. И покрај недостатокот на напредок, има надеж:

„Денес повторно има конкретни предлози за мир. Се надеваме дека претседателот Ердоган, со своите добри односи и со Киев и со Москва и Вашингтон, ќе придонесе за дијалог и прекин на огнот“,

Поглед кон 2033 година: можен голем христијански јубилеј во Ерусалим

Папата потврди дека за време на важната екуменска средба во Никеја, била дискутирана идејата сите христијани да слават 2000 години од Откупувањето и Воскресението Христово во 2033 година.

„Можно е прославата да биде во Ерусалим. Сè уште нема официјална покана, но има време за подготовка.“

Светиот Отец ја опиша средбата во Никеја како „многу убава“ бидејќи заедно учествуваа претставници на различни христијански традиции.

На крајот од импровизираната прес-конференција, папата Лав XIV им се заблагодари на новинарите и нагласи дека неговата мисија во Турција е носител на мирот и дијалогот – пораки за кои се надева дека ќе ја зајакнат улогата на Анкара како фактор на стабилност и посредник во два од најсериозните конфликти на нашето време: Газа и Украина.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот