Папата Лав XIV се моли за жртвите од пожарите во Европа и потсети на Светскиот ден на баби, дедовци и стари лица

Папата Лав XIV се моли за жртвите од пожарите во Европа и потсети на Светскиот ден на баби, дедовци и стари лица

Папата Лав XIV изрази близина со сите погодени од шумските пожари во Франција и Шпанија и повика на молитва за жртвите и за службите за итна помош. Тој се осврна и на 6. Светски ден на дедовците, бабите и старите лица, кој се одбележува на 26 јули.

Папата Лав XIV ја изрази својата близина со сите погодени од разорните шумски пожари што зафатија делови од Франција и Шпанија и ги повика верниците да се молат за жртвите и за спасувачките служби.

Додека големите пожари продолжуваат да предизвикуваат масовни евакуации во југозападна Франција и централна Шпанија, загрозувајќи населени места и ставајќи ги службите за итна помош под голем притисок, Папата ги насочи своите мисли кон сите што страдаат поради оваа катастрофа.

Говорејќи за време на неделната молитва „Ангел Господов“ во Кастел Гандолфо, тој рече:

„Пред разорните пожари што во последните денови погодија различни делови од Франција и Шпанија, сакам да ја изразам својата близина и да ги повикам сите да се молат за погодените луѓе и за неуморниот труд на службите за итна помош.“

Во последните денови стотици илјади луѓе се принудени да ги напуштат своите домови, додека пожарникарите се борат со огнените стихии поттикнати од екстремна жештина, силни ветрови и продолжена суша.

Светски ден на дедовците, бабите и старите лица

Папата Лав XIV потсети и дека Црквата го одбележува 6. Светски ден на дедовците, бабите и старите лица. Оваа година Денот се слави под мотото земено од пророкот Исаија: „Јас нема да те заборавам“ (Исаија 49,15).

„Заедно да Му благодариме на Господ за дарот што старите лица се за Црквата и за општеството“, рече Папата.

Тој ги охрабри сите да ја почитуваат и ценат нивната скапоцена улога и да се погрижат дедовците, бабите и старите лица „секогаш да ја добиваат грижата, вниманието и помошта што ги заслужуваат“.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот