Папата во Ачера повика на промена на начинот на размислување : „Да го ставиме општото добро пред профитот“

Папата во Ачера повика на промена на начинот на размислување : „Да го ставиме општото добро пред профитот“

За време на својата пасторална посета на Ачера, град во јужна Италија погоден од еколошки криминал, папата Лав XIV повика на еколошко и економско преобраќање. Обраќајќи им се на градоначалниците и парохијаните, тој ја осуди логиката на алчноста и исклучувањето на ранливите и повика на заедничко, етичко дејствување во одбрана на општото добро.

Во сабота наутро, 23 мај 2026 година, папата Лав XIV се сретна со градоначалниците и парохијаните од заедниците во таканаречената Terra dei fuochi, односно „Земја на пожари“, во рамки на својата пасторална посета на Ачера. На почетокот од своето обраќање на плоштадот „Калипари“, тој ги призна напорите на присутните и ја нагласи потребата достоинствено и одговорно да се одговори на заканата по животот што ја носи уништувањето на животната средина.

Претходно, Папата во катедралата во Ачера се сретна со роднините на жртвите од загадувањето. Тој објасни дека, иако изразот Terra dei fuochi ја покажува големината на криминалот и рамнодушноста во последните децении, тој не го опфаќа целото добро што сè уште постои во регионот. Во тој контекст, им се заблагодари на претставниците на Црквата и на лаиците што го прифатиле синодалниот процес и пораката од енцикликата Laudato si’.

Општото добро пред интересите на малкумина

Папата ги повика жителите и носителите на одговорност да се ослободат од резигнација, компромиси и фатализам. „Општото добро е пред деловните интереси на малкумина и пред партиските интереси, било тие да се мали или големи“, нагласи тој.

Според Папата, регионот веќе платил висока цена во човечко страдање, па затоа сега е време за нов сојуз, етичко дејствување и сеќавање. Тој ја критикуваше технократската парадигма, посочувајќи дека таа е еден од корените на глобалните конфликти и на постојаната потрага по ресурси.

Папата истакна дека оваа логика се гледа таму каде што политичките институции се премногу слаби пред моќните интереси и каде што технолошкиот напредок е насочен главно кон зголемување на профитот за малкумина, без доволна грижа за луѓето, нивниот труд и нивното достоинство.

Образование, одговорност и општествена кохезија

Папата го посочи образованието како клучна задача за иднината. Тоа, рече тој, треба да ги опфати сите генерации и сите општествени слоеви, со цел да се преобразат економскиот, граѓанскиот и религискиот начин на размислување.

Тој им се заблагодари на еколошките организации за нивната пионерска улога во предупредувањето за злоупотребите и повика на постојана будност против практиките што ја трујат земјата, водата и воздухот. Папата ја нагласи потребата од модел на развој што ќе биде помалку индивидуалистички и потрошувачки, а повеќе насочен кон зајакнување на општествените односи и општото добро.

На крајот од своето обраќање, Папата ја поврза заштитата на животната средина со борбата против општествената исклученост. Користејќи го примерот со пожарите на периферијата на градот, тој објасни дека маргинализацијата секогаш раѓа несигурност.

„Правилниот пат е да се спротивставиме на исклучувањето“, рече Папата, додавајќи дека треба да се прекине целиот синџир на неправда, а вниманието да не се насочува само кон последната алка.

Осврнувајќи се на овогодишниот јубилеј на свети Фрањо, папата Лав XIV ги потсети собраните дека мирот се темели врз грижата за ближниот и врз братството во заедничкиот дом.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот