Папата Лав XIV ненадејно го посети светилиштето на Света Троица и бенедиктинските манастири

Папата Лав XIV ненадејно го посети светилиштето на Света Троица и бенедиктинските манастири

За време на ненадејно утринско патување во среда папата Лав XIV со автомобил отпатува од Кастел Гандолфо до светилиштето на Света Троица во Валепјетра, а потоа, на враќање кон летната резиденција, ги посети манастирите на свети Бенедикт и света Схоластика во Субијако.

Папата Лав XIV во средата наутро, 22 јули 2026 година, ненадејно го посети светилиштето на Света Троица во Валепјетра, по што продолжи кон Субијако, каде што ги посети манастирот на свети Бенедикт и манастирот на света Схоластика.

Светилиштето на Света Троица, изградено во карпите на планината Ауторе, се наоѓа на границата меѓу италијанските региони Лацио и Абруцо.

Според соопштението што Канцеларијата за печат на Светиот Престол го објави преку Телеграм, Папата поминал време во молитва пред почитуваната фреска на Света Троица во светилиштето, а потоа ги поздравил верниците и монашката заедница.

Папата Лав XIV, кој го поминува летниот одмор во Кастел Гандолфо, до светилиштето отпатувал со автомобил. Светилиштето се наоѓа на надморска височина од повеќе од 1.800 метри, во планинскиот венец Монти Симбруини.

Тоа е познато место на поклонение, кое привлекува илјадници верници. Тие пеш се искачуваат по планинските патеки, носејќи знамиња за празникот Педесетница и за празникот на света Ана, на 26 јули.

Во внатрешната пештера се наоѓаат древни фрески, меѓу кои и византиска претстава на Света Троица како три еднакви Христови ликови. Во подножјето на скалите што водат надвор од светилиштето се наоѓа капелата на света Ана, издлабена во жива карпа.

По посетата на Валепјетра, папата Лав XIV отпатува за Субијако, каде што го посети манастирот на свети Бенедикт.

За време на посетата на монашкиот комплекс, Папата застана во тивка молитва пред фреската на свети Фрањо од 13 век. Во Светата пештера на свети Бенедикт, според традицијата, го бакна коленото на статуата на светецот, а потоа заедно со присутните ја измоли молитвата Оче наш.

Потоа Папата го посети манастирот на света Схоластика, каде што ручаше со бенедиктинската заедница, а потоа го разгледа манастирскиот комплекс.

Канцеларијата за печат на Светиот Престол соопшти дека во моментот на објавувањето на информацијата, Папата веќе бил на враќање кон Кастел Гандолфо.

Посетата на  папата Лав XIV следуваат по неговата приватна посета во понеделник, 20 јули, на опатијата Монтекасино, каде што се молеше за мир во светот.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот