Папата Лав XIV: Мирот е итна потреба, мора да се претвори во одговорни одлуки

Папата Лав XIV: Мирот е итна потреба, мора да се претвори во одговорни одлуки

По молитвата „Ангел Господов“, во недела 22 февруари 2026 година, Папата повторно упати силен апел да стивне оружјето и да престанат бомбардирањата. Без одлагање да се воспостави прекин на огнот и да се зајакне дијалогот, рече Папата четири години по почетокот на војната против Украина. Мирот не може да се одложува, истакна тој: „Навистина, секоја војна е рана нанесена на целото човечко семејство; зад себе остава смрт, пустош и трага на болка што ги обележува поколенијата.“

„Колку жртви, колку уништени животи и семејства. Колку разорување. Колку неискажлива страдања…“

Четири години по почетокот на војната против Украина, срцето на Папата повторно е свртено кон драматичната состојба која, како што истакна папата Лав XIV по молитвата „Ангел Господов“ од прозорецот на Апостолската палата, е пред очите на сите.

„Навистина, секоја војна е рана нанесена на целото човечко семејство; зад себе остава смрт, пустош и трага на болка што ги обележува поколенијата. Мирот не може да се одложува; тој е итна потреба што треба да најде место во срцата и да се претвори во одговорни одлуки.“

Обединети во молитва за измачениот украински народ

Папата и денес силно го повтори својот апел: „Нека стивне оружјето. Нека престанат бомбардирањата. Без одлагање нека се воспостави прекин на огнот и нека се зајакне дијалогот за да се отвори патот кон мирот.“

„Ги поттикнувам сите да се придружат во молитва за измачениот украински народ и за сите што страдаат поради таа војна и поради секој конфликт во светот, за нашите денови да ги осветли долгоочекуваниот дар на мирот.“

Повторувани повици за мир

Денешниот апел, упатен два дена пред четвртата годишнина од почетокот на големата руска инвазија врз Украина, има горчлив вкус, но сепак ја одржува надежта жива. Така е уште од времето кога папата Фрањо започна да упатува силни апели за мир во срцето на Европа, заедно со неговата посебна близина кон „измачениот украински народ“. Тој израз им стана познат на многумина.

Папата Лав XIV ги повтори тие апели уште ден по својот избор, кога оваа војна ја нарече „бесмислена“, нагласувајќи ја итноста „што е можно побрзо“ да се постигне „вистински, праведен и траен мир“. Во неговите молитви повеќепати беа истакнати ослободувањето на сите затвореници и враќањето на децата во нивните семејства. Сега особено го загрижува големиот зимски студ што ја влошува штетата предизвикана од бомбардирањата.

„Нека престане татнежот на оружјето и нека вклучените страни, со поддршка од ангажманот на меѓународната заедница, најдат храброст за дијалог на искрен, директен и почитувачки начин“, рече Папата во божикната порака „Urbi et Orbi“ (До Градот и до светот).

Со срце покрај жртвите на војната

Покрај тоа, продолжувајќи ги делата на солидарност со украинското население што ги поттикна неговиот претходник, папата Лав повеќепати испраќаше помош во таа земја преку Папската канцеларија за милостина. Во меѓувреме, тој телефонски разговараше со рускиот претседател Путин, прими здруженија посветени на помошта за жртвите на војната, мајки и сопруги на украински војници на фронтот, деца и млади лишени од можности или корисници на гостопримство, и се сретна со украински ходочесници. Ја пофали нивната вера „оплодена со сведоштвото на бројни светци“ и „напоена со крвта на бројни маченици“.

По повод аудиенцијата на која, во декември минатата година, го прими украинскиот претседател Зеленски, повторно ја изрази подготвеноста на Светиот Престол да биде домаќин на преговори. Дури размислувал и за патување во Киев, признавајќи ја потребата од разумен реализам. Соочен, по враќањето од своето прво меѓународно патување, со ескалација на конфликтот и со значајна штета нанесена врз цивилите и инфраструктурата, ја истакна важноста од учеството на Европа и Италија.

Кон крајот на август повика на сериозен ангажман за дијалог, а на годишнината од украинскиот национален празник, „со срце ранено од насилството“, изрази искрено сочувство до семејствата на загинатите и до сите раселени.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот