Папата Лав XIV испрати пет илјади антибиотици за децата во Газа

Папата Лав XIV испрати пет илјади антибиотици за децата во Газа

Со пристигнувањето на хуманитарната помош во Појасот Газа, Светиот Отец, преку Апостолската служба за милостина, испрати лекови за најмалите, додека во исто време продолжува дистрибуцијата на пакети со храна во Украина.

Во моменти кога искрата на надежта – како што ја нарече папата Лав XIV во неделниот пладневен говор – сè појасно се конкретизира во Светата Земја, Светиот Отец ја изразува својата близина со најмалите. Благодарение на отворањето на преминот преку кој се доставува хуманитарна помош до жителите на Појасот Газа, преку Апостолската служба за милостина беа испратени пет илјади антибиотици наменети за децата, кои се меѓу најтешко погодените жртви на двегодишниот конфликт.

Од зборови до дела

„Зборовите од апостолскиот поттик Dilexi te, посветен на сиромашните, ги претвораме во дело, бидејќи е потребно да се дејствува и да се посвети внимание на оние што се во потреба,“ истакна кардинал Конрад Крајевски, префект на Дикастериијатаа за милостина. Во првиот поттик на папата Лав XIV јасно се гледа насоката што Црквата отсекогаш ја следи, односно свеста дека навестувањето на Евангелието е веродостојно кога се претвора во гестови на близина и прифаќање. Преку Латинскиот патријархат во Ерусалим, испратените антибиотици веќе се распределени на оние на кои им се потребни. Папскиот делител на милостина потсети и дека за време на војната се настојувало да се помогне преку испраќање средства за купување храна и гориво.

Близина со Украина

Грижата на Папата се гледа и во неговата близина со Украина. По бројните мисии за доставување помош, генератори и топла облека, Апостолската служба за милостина продолжи да ја поддржува базиликата Света Софија во Рим – „црквата на Украинците“ – која е активна во хуманитарната помош за таа источноевропска земја, постојано испраќајќи камиони полни со основни намирници.

Во изминатите денови во Харков пристигнаа бели пакети означени со ватиканското и украинското знаме и со натпис на италијански и украински јазик: „Дар од папата Лав XIV за жителите на Харков“. Во пакетите има конзервирана храна, масло, тестенини, месо, како и средства за чистење. На овој начин Светиот Отец ја покажува својата близина со страдањата и болката на народот што со години е исцрпен од војна и сè уште не ја гледа надежта за мир.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот