Папата ги прими во аудиенција претставниците на Медитеранскиот младински совет и ги повика да придонесат за побратски свет преку своите животи и дела.
Светиот Отец рече: „Вие сте пример за генерација која не го прифаќа слепо она што се случува, за младите кои замислуваат подобра иднина и кои одлучиле да работат за нејзино градење.
Не плашете се: бидете семе на мир таму каде што растат семиња на омраза и горчина. Бидете творци на единство каде што преовладуваат поларизацијата и непријателството. Бидете глас за оние кои го немаат, повикувајќи на правда и достоинство. Бидете светлина и сол таму каде што пламенот на верата и радоста на животот се изгаснати. Не се откажувајте ако не сте разбрани.“
Со овие зборови, папата Лав XIV ги охрабри младите претставници од различни националности на Медитеранскиот младински совет, кои ги прими на аудиенција на 5 септември 2025 година, повикувајќи ги конкретно да придонесат за светскиот мир преку своите животи. Советот, поддржан од Италијанската бискупска конференција (CEI), беше создаден по состаноците во Бари во 2020 година и Фиренца во 2022 година, на кои се собраа бискупи и претставници од многу медитерански земји за да разговараат како Медитеранот може и мора да биде место на средба, крстопат на братство, лулка на животот, а не гробница за мртвите.
Зборувајќи на англиски и италијански јазик, Светиот Отец потсети на градоначалникот на Фиренца и преподобниот Божји слуга Џорџо Ла Пира, кој зборуваше со убедување дека мирот во Медитеранот ќе биде почеток, па дури и основа, за мир меѓу сите народи во светот. Папата ја потврди силата и пророчката моќ на ова уверување за денешниот свет во време обележано со конфликти и насилство, каде што трката во вооружување и логиката на насилството преовладуваат над меѓународното право и општото добро.
„Не смееме да се обесхрабриме, не смееме да се откажеме! Вие, младите, со вашите соништа и вашата креативност, можете да дадете фундаментален придонес. Сега, не утре! Вие сте сегашноста на надежта!“
Генерација која се залага за подобра иднина
Во својот говор, Римскиот епископ нагласи дека мирот често е предмет на глобални дискусии меѓу шефовите на држави и дека, за жал, често се сведува на слоган. Затоа, рече тој, треба да се негува мирот во срцата, во односите и во секојдневните гестови за да можеме да бидеме предводници на помирување дома, во заедниците, на работното место и на универзитет, како и во Црквата и меѓу црквите.
Поради оваа причина, Папата нагласи дека Медитеранскиот младински совет е „дело“ и „знак“: дело, затоа што ја одразува мисијата што неговиот претходник папата Фрањо им ја довери на црквите во Медитеранот во Бари во 2020 година, охрабрувајќи ги да сеат мир, надеж и братство во тој регион; знак, затоа што ова тело е составено од млади луѓе кои се активно посветени на градење на поинаков свет.
Притоа, Папата истакна:
„Драги пријатели, вие сте знак на генерација која не го прифаќа слепо она што се случува, која не го врти грбот, која не чека некој друг да го направи првиот чекор; знак на младост која замислува подобра иднина и решила да работи на нејзино градење; знак на свет кој не се предава на рамнодушноста и навиката, туку се спротивставува и работи на претворање на злото во добро.“
Улогата на религиите во промовирањето на мирот
Петровиот наследник продолжи, велејќи дека да се биде миротворец е тежок избор. Тоа нè извлекува од зоните на удобност, одвлекувањето на вниманието и рамнодушноста и може да доведе до соочување со противење од оние кои имаат интерес да го продолжат конфликтот.
Затоа, Папата ги охрабри младите да продолжат да бидат знаци на надеж што не разочарува, вкоренети во Христовата љубов, живеејќи како негови сведоци кои го проповедаат Евангелието, токму на тоа море од чии брегови првите ученици тргнале да навестуваат.
Тој нагласи дека духовното наследство на големите верски традиции родени во Медитеранот може да продолжи да биде жив квасец и извор на мир, братство и грижа за создавањето во тој регион. Папата рече:
„Денес, како и во минатото, истите овие религии се злоупотребуваат за оправдување на насилството и вооружените конфликти: напротив, мораме со нашите животи да ги отфрлиме овие форми на богохулство што го засенуваат светото Божјо Име. Затоа, дејствувајте и продолжете да ја негувате молитвата и духовноста како извори на мир и средба меѓу традициите и културите.“
Другиот човек е секогаш брат, никогаш непријател
Папата Лав XIV на крајот им се заблагодари на претставниците на Медитеранскиот младински совет за нивната работа, нагласувајќи дека, иако доаѓаат од различни култури и јазици, ги обединува една голема желба — желбата за мирен соживот меѓу народите, особено меѓу оние што живеат на Медитеранот.
„Вие му давате живот на ова со вашата посветеност и бројни проекти и на локално ниво — во вашите заедници — и на европско ниво, во дијалог со црковните и политичките институции. Вие сте доказ дека дијалогот е можен, дека разликите се извор на богатство, дека другиот човек е секогаш брат, а никогаш странец или, уште полошо, непријател“, заклучи Светиот Отец.
Ватикан њуз/к.мк