Папата Лав XIV го даде своето прво опширно интервју

Папата Лав XIV го даде своето прво опширно интервју

Папата Лав XIV, познат по својата срамежливост кон медиумите, го даде своето прво ексклузивно интервју по изборот на 8 мај. Разговорот го водеше Елиз Ан Ален, ватиканска дописничка за американскиот портал Crux, која интервјуто го искористи како основа за биографијата „Лав XIV: Граѓанин на светот, мисионер на 21 век“ (Leo XIV: Citizen of the World, Missionary of the 21st Century), во издание на „Рендом Хаус“ со седиште во Рим.

Книгата ќе биде објавена најпрво на шпански јазик, од издавачката куќа „Пингвин Перу“, на 18 септември, а потоа ќе биде достапна и во Шпанија, Мексико и Колумбија. Англиското и португалското издание се планирани за почетокот на 2026 година. Извадоци од интервјуто ќе бидат објавени на шпански и англиски јазик на 14 септември – денот кога Папата ќе го прослави својот 70-ти роденден.

Интервјуто го даде во јули во две сесии по околу деведесет минути. Во него Папата говори за своето детство, за доаѓањето во Перу како млад мисионер и за своите формациски и пасторални искуства во време на општествени превирања во таа земја. Тој се осврна и на својата служба како генерален приор на августинскиот ред, како бискуп на Чиклајо и како префект на Дикастеријата за епископи во Ватикан.

Лав XIV сподели и лични впечатоци за својот однос со папата Фрањо, за доживувањето на конклавата и за моментот на негвоиот избор за Папа.

Во интервјуто тој говореше и за својата улога како прв Римски епископ со потекло од САД и Перу, како и за своето сфаќање за папската служба. Освен тоа, се осврна и на војните во Газа и Украина, на односите на Светиот Престол со Кина и САД, како и на состојбата со ватиканските финансии.

Катпрес/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот