Папата: Крштението е вратата за христијанскиот живот

Папата: Крштението е вратата за христијанскиот живот

Крштението нè внесува во Христос, тоа нè „христифицира“ – истакна папата Фрањо за време на Генералната аудиенција на 11 април 2018 година пред околу 22 илјади верници кои се собраа на плоштадот Свети Петар.

Минатата среда, Светиот Отец ја заврши серијата катехези за Евхаристијата, а денес премина на Крштението односно на темелот на целиот христијански живот, влезот во животот со Духот и вратата која го отвора пристапот до другите свети Тајни (ККЦ 1213), Преку таа света Тајна сме „ослободени од гревот и одново родени како синови Божји, стануваме Христови делови и прилепени сме на Црквата и стануваме учесници во нејзиното послание: „Крштението е света Тајна за препородување со вода и Слово.“ (ККЦ 1213)

Педесетте денови воскресно литургиско време се соодветни за размислување за христијанскиот живот кој според својата природа е живот кој доаѓа од самиот Христос – рече папата Фрањо и истакна: Христијани сме во таа мерка во која дозволуваме Исус Христос да живее во нас. Според тоа, од каде да започнеме за да ја оживееме таа свест ако не од самиот почеток, од светата Тајна која го поттикнала христијанскиот живот во нас? Тоа е крштението. Исусовата Пасха со својата сила на новоста допира до нас по пат на Крштението за да нè преобрази на своја слика: крстените се Исусови, Он е Господ на нивното постоење. Крштението е темелот на целиот христијански живот (ККЦ 1213). Таа е прва од светите Тајни затоа што ја претставува вратата која овозможува Христос Господ да дојде да престојува во нас, а ние да се потопиме во неговото таинство – рече Папата.

Светиот Отец потсети дека грчкиот збор „баптизеин“ значи „потопи“. Објасни дека потопувањето во водата е ритуал кој е заеднички за голем број верувања, а со него сака да се изрази преминот од една состојба во друга, знак на чистење за нов почеток. Но ние христијаните – продолжи папата Фрањо – не смееме да пропуштиме ако телото е тоа кое е потпоено во водата, душата е таа која е потопена во Христос за да прими простување од гревовите и да заблеска со божествена свелина. Благодарение на Светиот Дух, Крштението нè погребува во смртта и воскресението Господово, потопувајќи го во крстилницата стариот човек со кој владеел гревот кој разделува од Бог, раѓајќи нов човек, повторно создаден во Исус. Во Него сите Адамови синови се повикани на нов живот – рече Папата.

Крштението е препородување – рече папата Фрањо и продолжи: Сигурен сум дека сите се сеќаваме на датумот на своето Крштение. Но малку се сомневам и затоа ве прашувам: Се сеќавате ли на датумот на своето крштение? Некои велат „да“ и тоа е добро. Но станува збор за слабо „да“ затоа што многумина не се сеќаваат. Но, ако славиме роденден, а зошто да не славиме или барем да се присетиме на денот на нашето крштение? Денес ќе ви дадам домашна задача – рече Светиот Отец. Вие кои не се сеќавате на датумот на крштението, прашајте ги членовите на своето семејство: „Се сеќаваш ли на денот на моето крштение?“ и никогаш да не го заборавите. И на тој ден заблагодарете му се на Господ затоа што на тој ден Господ влегол во мојата внатрешност, Светиот Дух влегол во мојата внатрешност. Дали добро ја сфативте домашната задача? Сите ние треба да го знаеме датумот на своето крштение. Тоа е вториот роденден: роденденот на нашето препородување. Ве молам, никогаш тоа да не го заборавите – поттикна Папата.

Да се сетиме на последните зборови кои Воскреснатиот им ги упати на апостолите – рече Светиот Отец, напоменувајќи дека притоа станува збор за јасно послание: „Одете и научете ги сите народи, крштавајќи ги во името на Отецот, и Синот, и Светиот Дух“ (Матеј 28, 19). По пат на крштелното потопување оној кој верува во Христос е потопен во животот на самата Троица – истакна Папата.

Крштелната вода не е било каква вода, туку вода на која е повикан Духот кој дава живот – продолжи папата Фрањо. Да се сетиме на она што Исус му го рече на Никодим за да му го објасни раѓањето за божествениот живот: „Вистина, вистина ти велам: ако некој не се роди од вода и Дух, не може да влезе во царството Божјо; зашто, роденото тело од тело, тело е; а роденото од Дух, дух е.“ (Иван 3, 5-6) Од таа причина крштението се нарекува исто така „обновување“ затоа што веруваме дека Бог „Он нè спаси, но не според извршените од нас праведни дела, туку по Својата милост, преку бањата на преродување – и обновата од Светиот Дух“ (Тит 3, 5) – рече Светиот Отец.

Папата рече дека Крштението според тоа е делотворен знак за повторно раѓање, за да одиме во новоста на животот. Во тој контекст наведе што свети Павле напиша во Посланието до Римјаните: „Зар не знаете дека сите ние што се крстивме во Исуса Христа, во Неговата смрт се крстивме. И така, ние се погребавме со Него преку крштавањето во смртта, та, како што Христос воскресна од мртвите преку славата на Отецот, така и ние да одиме во обновен живот.“ (Римјаните 6, 3-4)

Потопувајќи нè во Христос, Крштението исто така нè прави делови на неговото Тело, кое е Црквата и учесници во нејзиното послание на земјата (ККЦ 1213) – рече Папата и предупреди: Ние крстените не сме изолирани: делови сме на Телото Христово. Живоста која произлегува од Крштението е објаснета со Исусовите зборови: „Јас сум лозата, а вие прачките; и кој што е во Мене, и Јас во него, тој ќе даде многу плод; оти без Мене не можете да направите ништо.“ (Иван 15, 5) Зашто преку еден Дух сме крстени сите во едно тело (1 Коринтјаните 12, 13) помазано со свет елеј и окрепено на евхаристиската трпеза.

Крштението дозволува Христос да живее во нас, а на нас да живееме обединети со Него за да соработуваме со Црквата, секој според сопствената состојба, во преобразувањето на светот – објасни Светиот Отец и напомена дека крштелната бања која се прима само еднаш го расветлува целиот наш живот, водејќи ги нашите чекори сѐ до Небесниот Ерусалим. Постои пред и после Крштението – рече Папата. Потоа зборуваше за тоа дека крштението го претпоставува патот на верата која се нарекува катехуменат, а кој се покажува кај возрасен човек барајќи да биде крстен. Но папата Фрањо напомена дека и децата од дамнина се крстат во верата на родителите.

На ова место Папата зборуваше за оние кои приговараат: Зошто да се крсти дете кое не разбира? Се надеваме дека кога ќе порасне, ќе разбере и сам ќе побара крштение. Но тоа значи да немаме доверба во Светиот Дух затоа што кога крстиме дете во тоа дете влегува Светиот Дух и Светиот Дух дава во тоа дете да растат христијанските добродетели кои подоцна ќе процветат. Треба секогаш да ја дадеме таа прилика на сите, на своите деца во својата внатрешност да го имаат Светиот Дух кој ќе ги води нив нивните животи. Да не заборавиме да ги крстиме децата! – истакна Светиот Отец.

Никој не го заслужува крштението кое секогаш е бесплатен дар за сите, возрасни и новороденчиња – предупреди папата Фрањо. Но како со семето за полн живот, тој дар пушта корени и донесува плод во земјата која ја храни верата. Крштелните ветувања кои секоја година ги обновуваме на Пасхалното бдение треба да бидат обновувани секој ден за крштението – како што рече Светиот Отец: За да нè „христифицира“, а оној кој примил крштение и кој е „христифициран“ се сообразува со Христос, се преобразува во Христос и тоа навистина го прави втор Христос – заврши Папата.

РВ/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот