Папата: Комуникацијата треба да помогне во градењето на братството

Папата: Комуникацијата треба да помогне во градењето на братството

Примајќи ја делегацијата на Кустодијата на Светата Земја, Папата ја истакна важноста да се зборува за животот на општествата на Блискиот Исток и ги охрабри присутните да продолжат, во времето на социјалните мрежи, да воспоставуваат единство меѓу христијанските деноминации, различните религии и меѓу Црквата и мигранти, бегалци и прогонети.

Папата на 17 јануари 2022 година ја прими во аудиенција делегацијата на Кустодијата на Светата Земја, по повод 100. годишнината на списанието „La Terra Santa“ (Света Земја), на чело со кустосот отец Франческо Патон, ОФМ Во делегацијата беа и оние кои работат на изданија на различни јазици и издавачкиот центар Edizioni Terra Santa; оние кои се занимаваат со веб страници и социјални медиуми и соработници на Христијанскиот медиумски центар. Станува збор за служба која во склад со комуникациската интуиција пред сто години ја водеше кустосот Фердинанд Диоталеви – како што потсети Папата – и која вклучува запознавање на другите со Светата Земја, Божјата земја, лулката на христијанството и чесните светилишта, во кои е извршено откупувањето на човечкиот род.

Да се запознаат другите со Светата Земја значи да се пренесе „Петтото Евангелие“, односно историската и географската средина во која е објавено Божјото Слово и потоа овоплотено во Исус од Назарет, за нас и за нашето спасение. Тоа е израз кој доаѓа од Синодата за Словото Божјо одржана во 2008 година, а подоцна и од папата Бенедикт XVI. Работата на комуникаторите во Светата Земја папата Фрањо го насочува токму на ширењето и запознавањето на животот на луѓето кои живеат таму, животите на христијаните од различни цркви и конфесии, но и на Евреите и муслиманите, обидувајќи се да изградат братско општество во слоевито и тешок контекст како што е Блискиот Исток.

Потсетувајќи на пораката за Светскиот ден на социјалните медиуми во 2019 година, Папата ги охрабри присутните да дејствуваат на таков начин што комуникацијата, во ерата на социјалните мрежи, ќе помогне да се градат „заедници“, односно прецизираше – уште подобро, „братства“.

Ве охрабрувам да зборувате за можно братство; за она меѓу христијаните од Црквите и вероисповедите, кои за жал, сè уште се раздвоени, но кои во Светата Земја често се веќе блиску до единство (…). Зборувајте за можно братство меѓу сите деца на Авраам, Евреи, христијани и муслимани. Зборувајте за црковно братство кое се отвора за мигрантите, прогонетите и бегалците, за да им се врати достоинството кое им е одземено кога морале да ја напуштат татковината во потрага по иднина за себе и за своите деца. Раскажувајте ја таа реалност – поттикна Папата.

Заблагодарувајќи им се за нивната работа како комуникатори, затоа што зборуваат за Светата Земја, обидувајќи се да ги сретнат луѓето таму каде што се и кави што се, ја пофали нивната посветеност при известувањето, истражувањето и публикациите, кои не се ограничени само на мирните подрачја. Посетувате и посурова реалност во која се страда, како Сирија, Либан, Палестина и Газа – рече Папата, нагласувајќи дека знае дека се обидуваат да пренесат приказни за доброто, за отпорот кон воените злосторства, помирувањето, враќањето на достоинството на децата лишени од детство, бегалците. Ви благодарам затоа што вршејќи си ја работата на тој начин, не си ги штедите ѓоновите на чевлите, а знам дека нема да ги штедите ниту во иднина, се со цел да го пренесете сето тоа.

Во известувањето одредена реалност ништо не може потполно да го замени личното искуство – истакна Папата. Привилегијата на оние кои живеат во овие делови на светот, многу карактеристични за историјата на спасението, е токму во контактот со оној кој стана човек и ни овозможи да се сретнеме со него во Исус Христос, и не само во неговите зборови, туку и исто така во неговите очи, глас и гестови (сп. Порака за Светскиот ден на социјалните медиуми).

Папата потоа повторно се осврна на Петтото Евангелие, земјата каде што се среќаваат историјата и географијата на спасението и овозможуваат ново читање на библискиот текст, особено на евангелските текстови, и потсети на зборовите на Бенедикт XVI, од неговото пладневно обраќање на 17 мај 2009: „Таму можеме да видиме, и уште повеќе, да ја допреме реалноста на историјата што Бог ја постигнал со луѓето. Почнувајќи од местата каде што живеел Авраам до местата на Исусовиот живот, од воплотувањето сѐ до празниот гроб, знакот на воскресението. Да, Бог влезе во таа земја, дејствуваше со нас во тој свет“ – потсети папата Фрањо и додаде дека пасхалното таинство ја осветлува и дава смисла на денешната историја, патувањето на луѓето кои живеат во таа земја денес, и покрај раните и конфликтите, но благодатта Божја секогаш ја отвора за надеж во братство и мир.

Истакнувајќи ја скапоцената карактеристика на работата на известувачите од Светата Земја, тој рече дека преку средствата за социјална комуникација можат да ја збогатат верата на многумина, вклучително и на оние кои не се во можност да одат на поклонение во светите места. Тоа е важно за верниците ширум светот, а во исто време ги поддржува христијаните кои живеат во земјата Исусова – рече Папата и ја изрази својата близина со нив, нагласувајќи дека секогаш ги споменува во своите молитви.

Ватикан њуз/к.мк

 

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот