Светиот Отец по молитвата Ангел Господов упати силни зборови: „Со болка во срцето го придружувам мојот глас со гласот на обичните луѓе кои се молат за крај на војната. Во името на Бога, слушнете го плачот на оние кои страдаат и ставете крај на бомбардирањата и нападите!“
„Браќа и сестри, штотуку се помоливме на Дева Марија. Оваа недела, градот што го носи нејзиното име – Мариупол, стана маченички град во мачната војна што ја пустоши Украина“. Ова се првите зборови кои Папата ги кажа по молитвата Ангел Господов во недела 13 март 2022 година на плоштадот Свети Петар, упатувајќи уште еднаш силен апел да се стави крај на борбите.
Како што истакна, соочени со варварството на убивање деца, невини луѓе и беспомошни цивили, нема стратешки причини кои би можеле да го оправдаат тоа. „Недозволивата вооружена агресија треба само да се запре, пред градовите да станат гробишта“, рече папата Фрањо.
„Со болка во срцето, го придружувам мојот глас со оние на обичните луѓе кои молат за крај на војната. Во името на Бога, слушнете го плачот на оние кои страдаат и ставете крај на бомбардирањата и нападите! Искрено и решително фокусирајте се на преговорите и хуманитарните коридори да бидат ефективни и безбедни. Во името на Бога, ве молам запрете со овој масакр!“
Светиот Отец поттикна и прием на бројни бегалци во кои, како што нагласи, е присутен самиот Христос. Тој се заблагодари за големата мрежа на солидарност што е создадена и апелираше до сите бискупии и верски заедници да ги зголемат моментите на молитва за мир.
„Бог е само Бог на мирот, тој не е Бог на војната, а оние кои го поддржуваат насилството го сквернават неговото име“, рече Светиот Отец, повикувајќи ги сите присутни во момент на тишина да се помолат за оние кои страдаат и Бог да ги преобрати срцата кон цврста волја за мир.
Ватикан њуз/к.мк