Папата за 90-годишнината на Радио Ватикан (Видео)

Папата за 90-годишнината на Радио Ватикан (Видео)

На 90-годишнината од Папското радио, основано на 12 февруари 1931 година од папата Пиј XI, Светиот Отец папата Фрањо упати честитка: „Ви благодарам за вашата работа“, која достигнува „далечни места“ кога зборувате на светот “со храброст и креативност”.

Во својата порака, папата Фрањо ги охрабри новинарите и вработените на Радио Ватикан по повод 90-годишнината, поттикнувајќи ги да зборуваат на светот „со храброст и креативност“ за да ја откријат „вистината на работите“. Светиот Отец ги пофали медиумите за нивната способност да ги рашират вестите до географските периферии, дури и најоддалечените:

„Драги браќа, среќна годишнина. Важно е да се зачува сеќавањето на нашата историја и да бидеме носталгични не толку за минатото, колку за иднината која сме повикани да ја градиме. Ви благодарам за вашата работа. Ви благодарам за љубовта што ја вложувате во неа. Радиото ја има оваа убава работа: да го носи зборот дури и на најоддалечените места. А денес го комбинира со слики и со напишаното. Продолжете да одите напред со храброст и креативност зборувајќи му на светот и на тој начин градете комуникација која може да нè натера да ја согледаме вистината на работите“.

Одговорност за она што се соопштува

Заклучокот на пораката е во согласност со апелот упатен до сите медиумски професионалци во неодамнешната порака на Папата за претстојниот Светски ден на комуникациите во мај 2021 година, односно „да се разликува лажната привидност од вистината“, посебно она што честопати никој не го кажува затоа што не сака да се мачи да оди и да ја бара таму каде што ќе се открие. Папата Фрањо на оние кои работат во овој сектор ги нуди евангелските зборови „Дојди и види“, бидејќи тврди дека „ништо во комуникацијата не може целосно да го замени личното гледање“.

Пандемијата, заборавени војни не се оставени во заборавот благодарение на храброста на некои новинари: постои свет што мора да се раскаже со чисти очи, но за ова, потенцира Папата, потребна е лична проверка. „Дојди и види“, вели Папата, „е наједноставниот метод за согледување на реалноста. Ова е најискрената проверка на која било порака, бидејќи за да знаеме, мора да се сретнеме, да му дозволиме на оној што стои пред нас да ни зборува, да неговото сведоштво да допре до нас“.

Затоа во контекст на медиумите, каде што манипулацијата и нарцизмот имаат свое влијание, Светиот Отец повикува на досетливост во информативната дејност. Папата потсетува дека „сите сме одговорни за комуникацијата што ја правиме, за информациите што ги даваме, за контролата што можеме да ја извршуваме заедно за лажните вести со тоа што ќе ги разобличиме. Сите сме повикани да бидеме сведоци на вистината: да одиме, да гледаме и да споделуваме“.

Ватикан њуз/к.мк

 

Радио Ватикан на својата 90 годишнина започнува со интернет радио

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот