Во интервју за CBS, папата Фрањо повика на крај на војните во Украина, Газа и во целиот свет. Потсетува дека во Црквата има место за сите: ако парохот не ви изгледа гостопримлив – рече – барајте друго место, секогаш има место, не бегајте од Црквата, таа е голема.
Договорен мир е подобар од бескрајна војна – рече папата Фрањо, мислејќи на Украина, Газа и војните што го потресуваат светот, во интервју за американската радио и телевизија CBS, кое го даде попладнето на 24 април во Домот Света Марта. Делови од интервјуто, кое траеше околу еден час и го водеше Нора О’Донел, директорка на CBS Evening News, беа емитувани по полноќ во Европа. Проширена верзија на разговорот ќе биде емитувана во недела, 19 мај, пред Светскиот ден на детето, кој ќе се слави во Рим на 25 и 26 мај.
Папата ги повика сите земји кои се во војна да ги запрат судирите. Обидете се да преговарате. Барајте мир – рече тој. Кога новинарот го поттикна да го коментира терминот „геноцид“ во однос на она што се случува во Газа, Папата го повтори зборот и рече дека одржува секојдневен контакт со оваа реалност на страдање. Многу молам за прекин на огнот во Газа – додаде тој, потсетувајќи дека секоја вечер во 19.00 часот се јавува кај единствената католичка парохија во Појасот Газа за да добие вести: ситуацијата е многу тешка, многу тешка – рече тој – и затоа што луѓето мора да се борат за да добијат храна.
На прашањето за последиците од руската инвазија на Украина врз децата, папата Фрањо одговори: „Овие деца не знаат да се смеат. Јас им кажувам нешто, но тие заборавиле како да се насмевнат; тоа е многу сериозно“.
Папата Фрањо зборуваше и за климатските промени кои навистина постојат, а во врска со Светскиот ден на детето рече дека децата „секогаш носат порака“: ни даваат можност да имаме помладо срце. На прашањето за неговото здравје, тој со насмевка одговори: „Добро е“.
Тој потоа повтори дека во Црквата има место за сите: „Би рекол дека секогаш има место. Ако во некој парохија парохот не изгледа гостољубив, го разбирам тоа, но одете и побарајте некое друго место, секогаш има место во неа. Не бегајте од Црквата. Црквата е голема. Таа е повеќе од храм…. не мора да бегате од неа.“
Ватикан њуз/к.мк