Папата до членовите на Националниот совет за обнова во Светиот Дух: Потребни се конкретни дела на милосрдие
Во сабота, 20 јануари 2024 година, папата Фрањо во аудиенција ги прими членовите на Националниот совет за обнова во Светиот Дух. „Првото навестување се остварува со сведоштво на животот.“
Тој на почетокот ги поздрави сите присутни, додавајќи дека преку нив ги поздравува и сите останати кои припаѓаат на споменатото движење. Потсетувајќи се на Меѓународната служба на католичката харизматска обнова (CHARIS), тој ги охрабри присутните да продолжат по тој пат на заедништво.
Папата рече дека сака да сподели со нив пасторален поглед на присуството и службата на членовите на Советот. „Најпрво, му благодарам на Господа и вам за доброто што заедницата на Обнова го сее меѓу Божјиот свет народ. Тие помагаат и за едноставна и радосна духовност. И особено подвлекувам два важни аспекти: молитвата, особено поклонувањето и службата на евангелизацијата“, рече Светиот Отец.
Нагласувајќи дека харизматичното движење по својата природа ѝ дава посебно место на молитвата, особено на пофалната молитва, тој рече дека секој треба да даде простор за „благодарност, пофалба и восхит пред Божјата благодат“, особено „во свет во кој доминира културата на поседување и ефикасноста, а исто така и во Црквата која понекогаш премногу се занимава со организација“.
Папата ги охрабри присутните да продолжат да ѝ служат на Црквата на тој начин, особено со промовирање на обожавањето. „Обожавање во кое ќе доминира тишината, во која Словото Божјо преовладува над нашите зборови, накратко, обожавањето во кое Тој, Господ, навистина ќе биде во центарот, а не ние“, истакна Папата.
Зборувајќи за евангелизацијата, која, како што рече Светиот Отец, е дел од ДНК на харизматичното движење, рече дека Светиот Дух не може друго освен да отвори, да иницира. „Светиот Дух секогаш го поттикнува пренесувањето на Евангелието, поттикнува на излегување, и тоа го прави со својата неисцрпна имагинација. Наше е да бидеме послушни и да соработуваме со Него, како што ни пренесуваат Делата на светите апостоли за Стефан, Филип, Варнава, Петар, Павле и други. Тие немаа прирачник за тоа како да продолжат: Духот беше тој што ги потурна и тие направија многу големи работи. И секогаш запомнете дека првата објава е сведоштво со животот!“, истакна папата Фрањо.
Тој додаде дека конкретната љубов и „скриеното служење“ е секогаш потврда на навестувањето. „Што користат долгите молитви и многу убавите песни ако подоцна не можам да бидам трпелив со ближниот, ако не знам да бидам близок со мајка ми која е сама – тоа е четвртата заповед. Ми се гади од мажите и жените кои имаат родители во домовите и не ги посетуваат – или не се блиску до личност во тешкотии?“, праша Светиот Отец.
Осврнувајќи се на нивната посета, тој им рече на присутните дека наследникот на Петар ја има харизмата на единството и рече дека Обновата во заедницата на Светиот Дух мора да биде во служба на целата заедница, епархија и парохија, според пасторалните укажувања на епископот. „Ви благодарам за посветеноста што веќе ја вложувате во ова и ве охрабрувам да бидете градители на заедништвото пред сѐ меѓу себе. Пазете се од брборењата: Не. Заедништвото меѓу вас е многу важно. Исто така, единство во вашето движење, а потоа и во парохиите и епархиите“, рече Папата, заблагодарувајќи им се што дојдоа и ги поттикна радосно да одат напред. На крајот ги благослови присутните и нивната служба и ги замоли да се молат за него.
Ватикан њуз/к.мк