За време на молитвеното бдение на плоштадот „Свети Петар“, посветено на Јубилејот на маријанската духовност, папата Лав XIV ја предводеше за ходочесниците Светата Бројаница, по што следуваше обожавање на Пресветата Тајна.
Дарот на мирот
Повеќе од четириесет илјади поклоници – меѓу нив ректори и волонтери од маријанските светилишта, како и членови на маријански движења, братства и молитвени групи – се собраа на плоштадот „Свети Петар“ во саботата, заедно да ја молат Бројаницата и да учествуваат молитвеното бдение што го предводеше Светиот Отец.
Папата лично побара бдението да биде посветено на молитва за „дарот на мирот“.
Автентична маријанска духовност
Во своето размислување за време на молитвата, папата Лав ги повика верниците „неуморно да истраат во молитвата за мир, кој е дар од Бога, но истовремено и задача што треба да ја прифатиме со побожност“.
„Во оваа Јубилејна година на маријанската духовност,“ рече Папата, „ние, верниците, го насочуваме погледот кон Дева Марија, која нè води по патот на надежта.“ Тој потсети дека „автентичната маријанска побожност“ подразбира подражавање на „човечките и евангелските доблести“ на Марија, и ги повика верниците да се молат за „дарот на сочувство кон секој човек кој страда, и кон сите созданија“.
Папата се наврати на последните зборови што Евангелието ги запишува за Марија: „Што и да ви каже, направете.“ „Како светилник,“ рече тој, „Марија не покажува кон себе, туку кон Господ Исус и Неговиот збор.“ Мајката Божја нè повикува „да го живееме Евангелието – со решителност и радост,“ знаејќи дека, ако тоа го сториме, „нашиот живот ќе се преобрази од празен и обичен во живот исполнет со светлина и смисла.“
„Положи го мечот“
Папата потсети дека никогаш не смееме да дозволиме Христовите зборови „да паднат на земја“, и ги истакна Неговите зборови во Гетсиманија „врати го ножот.“
„Мирот,“ рече Папата, „е невооружен и разоружувачки. Тој не се гради со закани, туку со братство; не преку ултиматуми, туку преку дијалог.“
Тој подвлече дека мирот „не доаѓа како резултат на победа над непријателот, туку како плод на правда и храбро простување.“
„Врати го ножот’ е порака упатена до моќниците на овој свет, до оние што ја водат судбината на народите: имајте храброст да се разоружате,“ продолжи папата Лав, додавајќи: „Во исто време, тоа е повик до секој од нас – да разбереме дека ниедна идеја, вера или политика не го оправдува убиството. Прво мора да ги разоружаме нашите срца, бидејќи ако немаме мир во себеси, не можеме да му го дадеме на другиот.“
Нов поглед врз светот
Папата потоа ги повика верниците да „усвојат поинаква перспектива“ – да го гледаат светот не низ очите на силните, туку на малите: да ги читаат настаните од историјата од гледна точка на вдовицата, сиракот, странецот, ранетото дете, прогонетиот и бегалецот.
„Сè додека не научиме да гледаме така,“ рече тој, „ништо нема да се промени, и новата ера на правда и мир нема да настапи.“
На крајот, потсетувајќи на Христовите зборови: „Блажени се миротворците“, папата Лав се помоли на Пресветата Дева Марија, Царицата на мирот, барајќи од Неа да нè научи „да го слушаме плачот на сиромашните и на мајката земја, да нè води во нашето служење, и да ни помогне да живееме и сведочиме за христијанската љубов – прифаќајќи ги сите како браќа и сестри, откажувајќи се од темнината на себичноста, за да го следиме Христос – вистинската светлина на човештвото.“
Ватикан њуз/к.мк