Папата Фрањо ги охрабрува Малите мисионерки на милосрдието, редот основан од Дон Орионе, да бидат мајки полни со љубов со тоа што нежно ќе им служат на другите во неволја.
Нека вашите домови и места за служење се полни со мајчинска топлина, а вие продолжите да служите како добри мајки, со засукани ракави, рече во своето обраќање папата Фрањо, примајќи ги во аудиенција во четврток, 25 мај 2023 година Малите мисионерки на милосрдието. Монахињите од редот основан од Дон Орионе – овој месец престојуваат се во Рим за нивниот Генерален капитул.
Редот е посветен на вршење на дела на милосрдие меѓу сиромашните, лицата со посебни потреби, сираците, постарите и другите често отфрлени членови на општеството.
Папата Фрањо потсети на зборовите на свети Дон Орионе: „Бидете загреани и просветлени од пламенот што гори во вашето срце и од светлината на вашиот внатрешен оган“; „работејќи напорно“, не штедејќи го трудот во услужувањето на оние на кои им е најпотребно.
Служете им на сиромашните, на малите погодени од секакво зло и болка со „засукани ракави“, како добри мајки, со сочувство, креативност и имагинација, во милосрдие“.
Мајката, рече Папата, никогаш не се откажува пред потребите на своите деца. „Никогаш не дозволува да им недостига внимание, изненадување, нежност, па дури и неопходни укори; успева да измисли решенија и неочекувани лекови во тешки ситуации или недоразбирања со другите. Тоа е затоа што мајката љуби, а љубовта го прави човекот слободен и креативен!“.
Пред се, рече Светиот Отец, тоа значи дека децата се чувствуваат „како дома“, безбедно и прифатено без разлика на нивните способности, достигнувања, социјални услови, потекло и верска припадност. Бидејќи мајката ги сака сите, таа не ги гледа разликите.
„Така љуби Христос, така љуби мајката Црква и така сакам и вие да знаете да љубите“, ги поттикна Светиот Отец монахињите.
На тој начин, рече Папата, на многумина ќе им дадете радост и надеж, ќе покажете конкретен пример на здрав живот, драгоцен особено за младите луѓе кои често се „дезориентирани од кревки и празни егзистенцијални модели“.
Затоа, Папата ги повика да живеат во близината и љубовта Господова, препуштајќи се Христос да ги води нивните патишта.
„Дозволете секогаш најпрво Господ да Ве освои, Неговото живо присуство во Евхаристијата, во Неговото Слово и во самите вас преку Светиот Дух. Запомнете дека, како мајки, најголемиот подарок што можете да им го дадете на вашите деца, кои Бог ви ги доверува, е да им ја пренесете вашата нежна љубов кон Исус, да ги научите да го сакаат и да го познаваат Господа како што вие го сакате Него учејќи ги да бидат учесници во вашата вера во Него“.
Секогаш имајте чувство на мајчинска нежност меѓу себе и кон другите, никогаш студенило, им порача римскиот бискуп.
„Ако понекогаш ја почувствувате таа болест на срцето, веднаш избркајте ја со мисли, зборови и гестови на добредојде и љубезност!“ Папата продолжи, додавајќи: „Знаеме дека парче леб споделено со насмевка е подобро од јадење кое можеби е префинето, но зачинето со студ и невкусно со љубов“.
Папата Фрањо го заврши своето обраќање охрабрувајќи ги да љубат на тој начин, на начин како на мајки на милосрдието, како што тоа го правеше свети Дон Орион.
На крајот Светиот Отец им го подели својот благослов: „Ве благословувам од срце. И ве поттикнувам, не заборавајте да се молете за мене.“
Ватикан њуз/к.мк