Речиси 350 млади луѓе од Италија и други делови од Европа деновиве учествуваат во летниот духовен камп Алфа на југот на Италија, во градот Макија д’Исерна, но во петок 5 август 2022 година накратко се преселија во Ватикан, да се сретнат со папата Фрањо. Светиот Отец ги поттикна да го земат крстот и да останат со Христос, кој им е голем пријател и сопатник на патот.
Младите се родени во свет за кој денес велиме дека е „секуларизиран“; односно дека нашата култура е повеќе под влијание на реалностите на овој свет отколку на димензиите на светото, објасни папата Фрањо. Меѓутоа, длабоко во човечкото срце секогаш постои жед за нешто поголемо, за бесконечното. „А вие – им рече Папата на младите – кои пораснавте со актуелни информации, поставувате големи прашања што се појавуваат во секое време“, како „Која е смислата на мојот живот?“, или „Зошто има толку многу страдање во светот?”
„Бог сака прашања; на некој начин сака повеќе прашања отколку одговори. Зошто? Јасно е: бидејќи одговорите се затворени, прашањата се отворени. Човек кој живее само со одговори е личност што е навикната да затвора, затвора, затвора, затвора. Личноста која живее од прашања е личност која е навикната да отвора, отвора, отвора. А Бог сака прашања“.
Исус ги прашал првите двајца млади луѓе кои еден ден го следеле на брегот на реката Јордан: „Што барате? (Иван 1,38). Секој треба да си го постави тоа прашање, рече Папата. Ако прашаш така, значи дека си млад, макар и да имаш осумдесет години, ако не прашаш, стар си, макар и да имаш само дваесет години.
Исполнувањето има име: Исус Христос
Папата потсети на неговото неодамнешно патување во Канада, истакнувајќи дека младите луѓе собрани во кампот се рамноправни со младите членови на домородните народи. Ние сме луѓе, учествуваме во работите што нè прават луѓе, како што е нашиот однос со Бог, со другите, со сето создание и со нас самите, во слобода, дарежливост и самоподарување.
„Сите тие односи се знак дека на некој начин сме „нецелосни“: копнееме по исполнување, исполнетост на животот, радост и смисла. А Исус Христос е тоа исполнување: сите сме нецелосни, на пат сме. Мора да ја имаме таа свесност“.
Затоа, потсети Папата, пред неколку години одлучил да им напише писмо на младите ширум светот, почнувајќи со зборовите „Христос е жив!“. Тој е нашата надеж, Тој на прекрасен начин носи младост во нашиот свет и сè што ќе допре станува младо, ново и полно со живот… Христос е жив и сака да бидете живи! Тој е во тебе, Тој е со тебе и никогаш не те остава. Колку и да луташ, Тој е секогаш таму, Воскреснатиот. Тој те повикува и чека да се вратиш кај него и да почнеш од почеток, поттикна Светиот Отец.
Алфа и Омега
Таков беше случајот со Андреј и Иван и со Симон и Јаков, кои станаа ученици и апостоли на Исус. Така беше и со него, призна Папата, кој го слушнал Исусовиот повик на 17 години. Таков е случајот и со вас, деца од интернет-ерата, продолжи Светиот Отец. „Исус секогаш останува почеток и крај, Алфа и Омега“.
Осврнувајќи се на името на кампот – Алфа – Папата објасни дека тоа е еден друг збор за раѓање, нов почеток, изгревање на нов живот… Христос е „Алфа“, почеток, но тој е и „Омега“. , крај, завршување и исполнување.
„Во единство со Исус, секој од вас станува семе одредено да процвета, расте и да даде плод. Но, мора да го следиме!“
Вистинска понизност
Ова, рече Папата, значи да се каже не на себичноста, егоцентризмот, желбата да се покажеме дека сме поинакви од она што сме, знаејќи да кажеме не на секоја затвореност. Тоа значи да бидеме тоа што сме, ниту надуени, ниту депресивни, туку да се гледаме себеси такви какви што сме. Ова е вистинса понизност, нагласи Папата. Соочени со злото што е во нас и околу нас, не треба да бегаме од реалноста, да се затвораме во себе, туку секој да си го преземе својот дел од одговорноста – „својот крст“ – и да го носи со љубов и радост. Но, не сам, истакна Папата, туку секогаш со Исус кој нѐ води.
Пријател, сопатник
Тоа ни дава вистински мир и сигурност. Ние сме во присуство на Исус, кој нè познава и нѐ сака повеќе од нас самите, и кој сака секој од нас да го најде своето единствено, лично исполнување, рече Папата, цитирајќи го младиот блажен Карло Акутис: Бог не сака фотокопии, туку само оригинали. Исус не е идеја или морална заповед. Исус е личност, пријател, сопатник на патот, потсети Светиот Отец.
„Драги млади пријатели, ве оставам со оваа топлина и желба: Исус нека ви стане голем пријател, ваш сопатник на патот. Живиот Исус нека биде твој живот!“
Ватикан њуз/к.мк