Силни зборови полни со надеж стигнаа на меѓународната средба на млади „Младифест“, која се одржува во Меѓугорје од 1 до 6 август на тема земена од Евангелието: „Дојдете и видете“ (Ив 1,39). Тие моменти се богати со молитва, катехеза и братска средба, чии млади учесници Папата ги повикува на „трчаат“ кон Исус со поддршка на Светиот Дух; да Го бараат, да му се доверат и сведочат.
Да се запознае живиот Исус Христос, посебно во Евхаристијата и Исповедта, во Меѓугорје, на вашата средба е можно; така ви помага да откриете поинаков начин на живеење. Не „култура на привременото“, не релативизам, туку вистинити и сигурни одговори – со тие зборови папата Фрањо се обрати на младите собрани во Меѓугорје, во пораката која им ја испрати на хрватски јазик. Зборовите кои ве водат на средбата: „Дојдете и видете“ (Ив 1,39), кои Исус им ги упати на своите ученици, се благослов и за вас младите – објасни Папата – бидејќи Исус својот поглед го вперува и кон вас, повикувајќи ве да појдете и да останете со Него.
Да се биде со Господ – напиша Папата до младите – значи да се даде смисла на животот, бидејќи Тој сите работи ги прави нови. На средбата со Исус стануваме нова личност и добиваме послание тоа искуство да го пренесеме на другите, меѓутоа секогаш со поглед вперен кон Него, Господ.
Светиот Отец затоа ги поттикна младите да пронајдат, уште повеќе, да си земат време кое ќе го поминуваат со Исус, да Му одат во пресрет, да му се поверат Нему кој е „познавател на човечкото срце“, да се исполнат со неговиот Дух и да бидат подготвени за таа прекрасна авантура во животот. Тој фестивал е можност да „дојдете“, односно телесно и духовно да се движите кон Исус и да „видите“, односно да го доживеете Господ и благодарејќи му Нему, да ја видите полната и конечна смисла на нашето постоење.
Пример со кој треба да се воодушевите, кој Папата го предлага на младите е Марија која со своето „да“, стана учесник и ризикуваше, без било каква друга гаранција освен сигурноста дека е носителка на ветувањето. Нејзиното „Еве ја слугинката Господова“ (Лк 1,38) – напиша Папата – е најубав пример кој ни говори што се случува кога човекот, во својата слобода, се препушта во Божјите раце.
Наведувајќи зборови од апостолскиот поттик ‘Christus vivit’, Папата истакна дека Марија е Мајка која бдее над нас, своите деца, кои чекориме низ животот често уморни, во потреба, меѓутоа со желба светлото на надежта да не згасне. Тоа е нашата желба, светлото на надежта да не се изгаси – напомена папата Фрањо, па на крајот ги поттикна младите: Трчајте привлечени со тоа толку сакано Лице на кое се поклонуваме во светата Евхаристија и го препознаваме во телото на братот кој страда. Нека Светиот Дух ве поттикне во таа трка кон напред. На Црквата и е потребен вашиот занес, вашата интуиција, вашата вера.
Ватикан њуз/к.мк