По една недела исполнета со лични средби, сведоштва, слушања и дијалог со канадските домородци, Папата им се обрати на сите присутни делегации во Ватикан, кои дојдоа во придружба на Канадската бискупска конференција.
„Внимателно ги слушав вашите сведоштва во последните неколку дена. Ги повикував во своите мисли и молитви, размислувајќи за приказните што ги раскажувавте и за ситуациите што ги опишавте. Ви благодарам што ми ги отворивте своите срцата и што со оваа посета изразивте желба да патувате заедно“, се првите зборови на Светиот Отец на обраќањето во петок 1 април 2022 година до делегациите на канадските домородни народи – Инуити, Метис и Првите народи.
Зачувување на спомените и идентитетите
Осврнувајќи се на една изрека од нивното традиционално наследство: „За секое размислување треба да се земе во предвид како ќе влијае на седмата генерација“, Папата рече дека овие мудри, далекувидни зборови се сосема спротивни од она што се случува во нашево време. Врските меѓу младите и старите се важни, мора да се чуваат и заштитат, за да не го изгубиме сеќавањето за историјата и сопствениот идентитет. „Секогаш кога сеќавањето и идентитетот се зачувани и заштитени, ние стануваме повеќе човечни“, рече Папата.
Дрво што дава плодови
Последниве денови, на средбите со делегации на домородци, членовите на народите се споредија со гранките на дрвото – тие се шират во различни правци, живеат во различно време и годишни времиња, погодени од силни ветрови. Меѓутоа, другите се цврсто закотвени во своите корени кои ги сочувале. „На овој начин продолживте да давате плодови, бидејќи гранките на дрвото растат само ако корените му се длабоки“, рече Папата, додавајќи дека сака да зборува за неколку од тие плодови кои заслужуваат да бидат попознати. и ценети.
Прво, Папата ја истакна загриженоста за земјата изразена од канадските домородци, на која гледаат како дар од небото, а не како извор за експлоатација. Земјата го чува споменот на нивните предци кои почиваат таму: „клучот е средината која дозволува животот на секој поединец да се гледа како дел од поголема мрежа на односи, со Создателот, со човечката заедница, со сите живи видови и со земјата, нашиот заеднички дом“. Светиот Отец го додаде и посебното богатство на нивните јазици, култура, традиции и уметности, кои претставуваат наследство кое не припаѓа само на нив, туку на целото човештво, бидејќи тие се израз на нашата заедничка човечност.
Откинување од корените
Но, истото дрво, богато со плодови, доживеа трагедија, продолжи Папата. Искуствата од оваа трагедија, која Светиот Отец ја нарече „искоренување“, на Папата му ги кажа оваа недела. „Синџирот што пренесуваше знаење и начин на живот во единство со земјата беше прекинат со колонизација на која и недостасуваше почит кон вас, истргнувајќи многумина од вас од вашата животна средина и обидувајќи се да ве прилагодат на поинаков менталитет. На овој начин, додаде Папата, беше направена голема штета на вашиот идентитет и култура, многу семејства беа разделени, а голем број деца станаа жртви на обидите да се наметне униформност врз основа на сфаќањето дека напредокот се случува преку идеолошка колонизација, преку програми осмислени во канцеларии, наместо желбата да се почитува животот на народот. За жал, тоа и денес се случува во различни прилики, рече Папата, потсетувајќи на формите на политички, идеолошки и економски колонизации присутни во светот, водени од алчност и жед за профит. Колонијалниот менталитет е сè уште многу распространет, истакна тој и повика: „Да си помогнеме едни на други, заедно, да го надминеме ова“.
Сојуз на млади и стари
Истовремено, Светиот Отец додаде: „Со благодарност мислам на сите оние добри и чесни верници кои во име на верата, со почит, љубов и добрина ја збогатија вашата историја со Евангелието“. Тој потсети на Света Ана, бабата на Исус, и додаде дека денес е неопходно повторно да се воспостави сојуз меѓу бабите и внуците, старите и младите – ова е основен предуслов за раст на единството во нашето човечко семејство. .
Нови патишта
Папата изрази надеж дека средбите што се одржаа во последните денови ќе покажат „нови патишта по кои ќе одиме заедно, ќе влеат храброст и сила и ќе доведат до поголем ангажман на локално ниво“. Секој вистински ефикасен процес на лекување бара конкретна акција“. Тој ги охрабри бискупите и католичката заедница да продолжат да преземаат чекори за транспарентна потрага по вистината и да промовираат исцелување и помирување. „Сакам да ви кажам дека Црквата стои покрај вас и сака да продолжи да патува со вас. Дијалогот е клучот за знаење и споделување, а канадските бискупи јасно ја истакнаа својата посветеност да продолжат да работат со вас на обновен, конструктивен, плоден пат, каде средбите и заедничките проекти ќе бидат од голема помош“.
Зборовите, а уште повеќе сведоштвата го збогатија, рече папата Фрањо. „Вие донесовте живо чувство за вашите заедници овде во Рим“. „Со задоволство повторно ќе се збогатам“, кога, како што рече, ќе ги посети нивните родни краеви. „Затоа, ќе завршам со тоа што ќе кажам „Се гледаме повторно“ во Канада, каде што ќе можам подобро да ја покажам мојата близина со вас. Дотогаш Светиот Отец им ги вети своите молитви, а на бискупите им се заблагодари за нивната храброст и понизност, преку што се покажува Духот Господов.
Ватикан њуз/к.мк