Папата Фрањо ги прими членовите на дипломатскиот кор акредитирани во Светиот Престол и се осврна на сите трагедии што го растргнуваат светот денес: од војната во Украина до насилството во Светата Земја, од кризата во Никарагва до тензиите во Кавказ и Африка. Го осуди сурогат мајчинството, родовите теории, антисемитизмот и прогонството на христијаните и поттикна сериозна посветеност на феноменот на миграцијата и градењето мир преку политичко-социјален дијалог и образование.
Откако спомна дека минатата година беа воспоставени и подобрени дипломатските односи на Светиот Престол со некои земји, папата Фрањо го насочи своето обраќање на темата за мир: „Мирот е првенствено дар од Бога, бидејќи тој ни го остави својот мир. Но, тоа е и одговорност на сите нас: „Блажени се миротворците“. Збор толку едноставен, но толку баран и богат со значење. Денес би сакал да се фокусирам на нашите размислувања за мирот, во момент од историјата кога мирот се повеќе се загрозува, слабее и делумно се губи. Што се однесува до тоа, одговорноста на Светиот Престол во меѓународната заедница е да биде пророчки глас и да апелира на совеста“.
„Вака не се решаваат споровите меѓу народите“
Спомнувајќи дека се поголем е бројот на конфликти во светот, односно „трета светска војна во делови“, Папата изрази длабока загриженост за настаните што се случуваат во Израел и Палестина. „Сите останавме шокирани од нападот на израелскиот народ на 7 октомври, во кој голем број невини луѓе беа страшно ранети, мачени и убиени, а многумина беа земени како заложници. Повторно го осудувам овој чин и секоја појава на тероризам и екстремизам. Така не се решаваат споровите меѓу народите; овие спорови само ја влошуваат ситуацијата и предизвикуваат страдање за сите. Навистина, нападот предизвика силен израелски воен одговор во Газа што доведе до смрт на десетици илјади Палестинци, главно цивили, вклучително и многу млади луѓе и деца, и предизвика исклучително тешка хуманитарна криза и незамисливо страдање“.
Како што рече Папата: „Го повторувам мојот апел до сите вклучени страни за прекин на огнот на сите фронтови, вклучувајќи го и Либан, и итно ослободување на сите заложници кои се држат во Газа“. Барам палестинскиот народ да добие хуманитарна помош, а болниците, училиштата и местата за богослужба да ја добијат сета потребна заштита. Се надевам дека меѓународната заедница одлучно ќе се залага за решение за двете држави, една израелска и една палестинска, како и меѓународно загарантиран специјален статус за градот Ерусалим, за да живеат во мир и безбедност Израелците и Палестинците“.
Актуелниот конфликт во Газа дополнително го дестабилизира кревкиот регион полн со тензии, рече Светиот Отец во своето обраќање. „Не можеме да го заборавиме сирискиот народ кој живее во ситуација на економска и политичка нестабилност влошена од земјотресот од минатиот февруари. Меѓународната заедница нека ги охрабри инволвираните страни на конструктивен и сериозен дијалог и барање нови решенија, за сирискиот народ повеќе да не мора да страда поради меѓународните санкции“. Римскиот бискуп, исто така, изрази длабока тага за милионите сириски бегалци кои сè уште се присутни во соседните земји како Јордан и Либан. „Мислам на саканиот либански народ на посебен начин и ја изразувам мојата загриженост за социјалната и економската ситуација во која се наоѓаат“, рече Папата.
Конфликти во Азија и Европа
Продолжувајќи, папата Фрањо го сврте вниманието кон Мјанмар и побара да се вложат сите напори за да се даде на таа земја надеж и достоинствена иднина за нејзината младина, а во исто време да не се занемари итната хуманитарна ситуација што и понатаму ја доживуваат Рохинџите.
„Во овие сложени ситуации, има и знаци на надеж, какви што можев да доживеам за време на моето патување во Монголија, на чии власти уште еднаш им изразувам благодарност за пречекот“. Папата изрази благодарност и до унгарските власти за нивното гостопримство, каде што престојуваше во април. „Тоа беше патување во срцето на Европа, богато со историја и култура, каде што ја почувствував наклонетоста на многу луѓе, а сепак ја почувствував близината на конфликтите што ги сметавме за незамисливи во Европа во 21. век“.
„За жал, по речиси две години од големата војна што Руската Федерација ја води против Украина, толку посакуваниот мир сè уште не успеа да се вкорени во умовите и срцата, и покрај големиот број жртви и огромното уништување. Конфликтот кој продолжува да метастазира, на штета на милиони луѓе, не може да се дозволи да опстојува; неопходно е да се стави крај на сегашната трагедија преку преговори, почитувајќи го меѓународното право“, нагласи Светиот Отец.
Папата Фрањо изрази загриженост и за тензичната ситуација во Јужен Кавказ меѓу Ерменија и Азербејџан. „Итно е неопходно да се најде решение за драматичната хуманитарна состојба на оние што живеат во тој регион, притоа давајќи им приоритет на враќањето на бегалците во нивните домови законски и безбедно, и со почитување на местата за богослужба на различните верски конфесии кои се присутни таму“.
Страдање во Африка
Свртувајќи го погледот кон Африка, папата Фрањо рече: „Сведоци сме на страдањето на милиони луѓе како резултат на бројните хуманитарни кризи кои ги доживеаја различните субсахарски земји поради меѓународниот тероризам, сложените социо-политички проблеми и разорните ефекти на климатските промени. На нив се додадени ефектите од воените удари што се случија во неколку земји и одредени изборни процеси кои се карактеризираат со корупција, заплашување и насилство“.
Тој го повтори апелот за „сериозни напори на сите вклучени во имплементацијата на Договорот од Преторија од ноември 2022 година, со кој завршија непријателствата во Тиграј“. Понатаму, тој повика на конкретни решенија за тензиите и насилството во Етиопија и за дијалог, мир и стабилност меѓу земјите од Африканскиот Рог.
„Би сакал да ги спомнам и трагичните настани во Судан, каде за жал нема излез по неколкумесечна граѓанска војна, како и неволјите на бегалците во Камерун, Мозамбик, Демократска Република Конго и Јужен Судан. Имав задоволство да ги посетам последните две земји на почетокот на минатата година, како знак на мојата блискост со нивниот напатен народ, иако во различни контексти и ситуации. Ја изразувам мојата срдечна благодарност до властите на двете земји за нивните напори во организирањето на овие посети и за нивното гостопримство“. Тој, исто така, потсети дека неговата посета на Јужен Судан имаше „екуменски призвук“ бидејќи му се придружија надбискупот од Кентербери и модераторот на Генералното собрание на црквата на Шкотска.
Иако во Америка нема отворени војни, рече Папата, постојат сериозни тензии меѓу неколку земји, „на пример Венецуела и Гвајана, додека во други, како Перу, гледаме знаци на поларизација што ја загрозува социјалната хармонија и ги ослабува демократските институции. Ситуацијата во Никарагва останува загрижувачка: долготрајна криза со болни последици за општеството во Никарагва како целина, а особено за Католичката црква. Светиот Престол продолжува да поттикнува дипломатски дијалог полн со почит за доброто на католиците и на целото население“.
Цивилните жртви не се „колатерална штета“, туку мажи и жени, со име и презиме, кои ги губат животите
Наоѓаме сè поуништен свет, а милиони мажи, жени и деца често се запоставени. „Современите војни повеќе не се водат само на јасно дефинирани боишта, ниту пак самите војници учествуваат во нив. Во контекст кога изгледа дека разликата меѓу воените и цивилните цели веќе не се почитува, нема конфликт што не завршува на некој начин неселективно погодувајќи го цивилното население. Настаните во Украина и Газа се јасен доказ за тоа“.
Тешките прекршувања на меѓународното хуманитарно право се воени злосторства, нагласи Папата, додавајќи дека не е доволно да се сврти вниманието кон нив, туку да се спречат. „Следствено, има потреба од поголем напор на меѓународната заедница во одбраната и спроведувањето на хуманитарното право, што изгледа дека е единствениот начин да се обезбеди одбрана на човековото достоинство во ситуации на војна“.
Како што нагласи папата Фрањо: „Можеби треба појасно да разбереме дека цивилните жртви не се „колатерална штета“, туку мажи и жени, со име и презиме, кои ги губат своите животи. Тоа се деца кои останале без родители и без иднина. Тоа се поединци кои страдаат од глад, жед и студ или се осакатени од моќта на современите експлозиви“.
Кога би можеле да го погледнеме секој од нив во очи, да ги наречеме по име и да научиме нешто за нивната лична историја, би ја виделе војната каква што е: ништо друго освен огромна трагедија, додаде Петровиот наследник и нагласи дека е неопходно да се води политика на разоружување, „затоа што е илузорно да се мисли дека оружјето има сила за одвраќање.
Глад и природни катастрофи
Предизвиците на нашето време ги надминуваат границите на различните кризи – храната, животната средина, економијата и здравствената заштита – кои го одбележаа почетокот на векот, истакна Светиот Отец. „Овде го повторувам мојот предлог за формирање на глобален фонд за конечно да се елиминира гладот и да се промовира одржливиот развој на целата планета. Причините за конфликтот вклучуваат и природни и еколошки катастрофи“.
Се разбира, има катастрофи кои луѓето не можат да ги контролираат, рече Папата. „Мислам на неодамнешните земјотреси во Мароко и Кина, кои резултираа со стотици жртви, како и силниот земјотрес што ја погоди Турција и дел од Сирија, и зеде ужасен данок на смрт и уништување. Размислувам и за поплавата што ја погоди Дерна во Либија, уништувајќи го градот, поради истовременото рушење на две брани“. Сепак, има и катастрофи кои може да се припишат на човечка активност или негрижа и кои сериозно придонесуваат за актуелната климатска криза, како што е уништувањето на шумите во Амазон, „зелените бели дробови“ на Земјата“.
Грижете се за заеднички дом
Изразувајќи жалење што не можеше да учествува на 28-та конференција на страните на Рамковната конвенција на Обединетите нации за климатски промени во Дубаи, Папата истакна дека завршниот документ на конференцијата „претставува охрабрувачки чекор напред; тоа покажува дека, и покрај многуте денешни кризи, мултилатерализмот може да се обнови со управување со глобалното климатско прашање во свет каде еколошките, социјалните и политичките проблеми се тесно поврзани“.
На конференцијата стана јасно дека оваа деценија е клучна за справување со прашањето за климатските промени, потсети тој и додаде дека се надева оти она што беше усвоено во Дубаи ќе доведе до одлучувачко забрзување на еколошката транзиција низ четирите сектори: енергетска ефикасност; обновливи извори; укинување на фосилните горива; и едукација за начините на живот кои се помалку зависни од последното.
Медитеранот треба да биде „лабораторија на мирот“
Војните, сиромаштвото, лошото однесување со заедничкиот дом и континуираната експлоатација на неговите ресурси, доведува до природни катастрофи, исто така принудуваат илјадници луѓе да ги напуштат своите татковини во потрага по иднина на мир и безбедност, истакна Папата. Тој потсети на опасните патишта низ кои морале да поминат, како што е низ пустината Сахара, во шумата Дариен на границата меѓу Колумбија и Панама во Централна Америка, на северот на Мексико на границата со САД и пред сè целото Средоземно Море. „За жал, во последните десет години Медитеранот се претвори во големи гробишта, бидејќи трагедиите продолжуваат да се случуваат, исто така поради бескрупулозните трговци со луѓе. Да не заборавиме дека во големиот број жртви има и многу малолетници без придружба“.
Напротив, Медитеранот треба да биде „лабораторија на мирот“, односно место каде што ќе можат да се сретнат различни земји и реалности врз основа на човечноста што сите ја делиме, посочи тој, додавајќи дека тоа е и неговата порака во Марсеј годинава на Медитерански средби.
Оваа покана на Медитеранот да биде место за средба не значи дека миграцијата не треба да се регулира со цел да се прифатат, промовираат, следат и интегрираат мигрантите, а во исто време да се почитува културата, чувствителноста и безбедноста на народите кои ја прифаќаат одговорноста за таквото прифаќање и интегрирање, истакна Светиот Отец. Треба да инсистираме и на правото да се остане во татковината и соодветната потреба за да се создадат услови за ефективно остварување на тоа право“, додаде папата Фрањо.
Во соочувањето со овој предизвик, ниту една земја не треба да биде оставена сама, ниту една земја може изолирано да размислува за решавање на проблемот, истакна понатаму папата Фрањо.
Сурогат мајчинството е сериозно нарушување на достоинството на жените и децата
Патот кон мирот бара почитување на секој човечки живот, почнувајќи од нероденото дете во мајчината утроба, кое не може да се потисне или да се претвори во предмет на трговија, рече Папата, осудувајќи го сурогат мајчинството, бидејќи тоа е „сериозно нарушување на достоинството на жената и децата врз основа на искористување на материјалната потреба на мајката“.
Детето е секогаш дар, а никогаш основа за комерцијален договор, нагласи тој. „Ја изразувам мојата надеж во напорите на меѓународната заедница универзално да ја забрани оваа практика“. Западот, за жал, продолжува со културата на смртта, додаде Папата.
Човекови права
Понатаму, патот кон мирот бара „почитување на човековите права, во согласност со едноставната, но јасна формулација содржана во Универзалната декларација за човекови права, чија седумдесет и петта годишнина неодамна ја прославивме“.
Овие принципи, рече Папата, се очигледни и општо прифатени, меѓутоа, во последните децении се прават обиди да се воведат нови права кои не се целосно во согласност со првично дефинираните и не се секогаш прифатливи. Ова доведе до идеолошка колонизација, „во која родовата теорија игра централна улога“. Последново е „исклучително опасно бидејќи ги поништува разликите тврдејќи дека ги прави сите еднакви“. Ваквите примери на идеолошка колонизација се покажуваат како штетни и создаваат поделби меѓу државите, наместо да промовираат мир, истакна Папата.
Дијалог
Од друга страна, дијалогот мора да биде во срцето на меѓународната заедница. Сегашната ситуација е резултат и на слабеењето на структурите на мултилатералната дипломатија создадени по Втората светска војна. Папата предупреди на ризикот од поделба на „клубови“ кои ги признаваат само оние држави кои ги сметаат за идеолошки компатибилни. Дури и агенциите посветени на општото добро и техничките прашања ризикуваат да бидат парализирани од идеолошка поларизација и експлоатација од страна на поединечни држави.
Дијалогот бара трпение, упорност и способност за слушање. Кога се прават искрени обиди да се стави крај на несогласувањата, може да се постигнат значајни резултати, нагласи Светиот Отец.
Супер изборна година
Истакнувајќи ја важноста на политичкиот и социјалниот дијалог, Папата се осврна на низата избори што ќе се одржат во многу земји во 2024 година. Важно е граѓаните, особено младите кои ќе гласаат за прв пат, да сметаат дека е една од нивните примарни должности да придонесат за подобрување на општото добро преку слободно и информирано учество на изборите. (…)
Развојот на вештачката интелигенција мора да биде во служба на мажите и жените
Зборувајќи за образованието, Папата рече дека тоа е главното средство за инвестирање во иднината и во младите. Едукаторите неодамна мораа да се справат со етичката употреба на новите технологии. „Од суштинско значење е технолошкиот развој да се одвива на етички и одговорен начин, со почитување на централното место на човечката личност, чие место никогаш не може да го заземе алгоритам или машина“, рече Светиот Отец. Затоа, „потребно е внимателно размислување на сите нивоа, национално и меѓународно, политичко и социјално, за да се осигура дека развојот на вештачката интелигенција останува во служба на мажите и жените, негувајќи и не попречувајќи ги – особено во случајот на младите – меѓучовечките односи, здрав дух на братство, критичко размислување и проникливост“.
Јубилеј 2025 година
На крајот, Папата се осврна на Светата 2025 година, која започнува следниот Божиќ.
„Денес, можеби повеќе од кога било, ни треба Света гГдина. Среде многубројните причини за страдање кои водат до чувство на безнадежност не само кај оние кои се директно засегнати, туку и низ нашето општество; среде тешкотиите со кои се соочува нашата младина, која наместо да сонува за подобра иднина, честопати се чувствува беспомошно и фрустрирано; и среде темнината на овој свет која изгледа дека се шири и не се повлекува, јубилејот е откровение дека Бог никогаш не го напушта својот народ и дека постојано ги држи отворени вратите на своето Царство“, го заврши своето обраќање папата Фрањо до дипломатскиот кор.
Ватикан њуз/к.мк