Во порака упатена до италијанскиот весник по повод 80-годишнината од неговото постоење, папата Лав XIV нагласи дека новите предизвици во светот на информирањето можат да се надминат само со квалитет. Тој повика на сериозност, одговорно користење на технологијата, заштита на културите, териториите, лицата и гласовите, како и на почитување на различните мислења.
„Да биде вода што длабоко ја гаси жедта за знаење кај луѓето од различни генерации, да ја храни совеста со вести, а не со брборење; да понуди правилно и транспарентно толкување на реалноста; да ја обединува, во добри и во тешки времиња, заедницата во која е вкоренета, чувајќи ја нејзината историја и сеќавање.“
Со овие зборови папата Лав XIV ја опиша мисијата на „доброто информирање“, по повод 80-годишнината од италијанскиот дневен весник „L’Adige“.
Папата ја избра метафората на водата, инспириран од реката Адиџе, која тече низ градот Тренто и „ги обединува пејзажите, сеќавањата, мажите и жените од земјата на планините што преминуваат во рамнини“.
Како чиста вода
Во својата порака до главниот уредник Пјерлуиџи Депентори, Папата се осврна на основањето на весникот по иницијатива на Фламинио Пиколи, како и на изборот на реката како негово име.
Течната вода, пишува папата Лав, е „симбол на постојана обнова, можна само од чист извор“.
Тој потсети и на богатството на корените на весникот, кои „сведочат за богатството на христијанската мисла како квасец на новинарството, не само на католичкото новинарство, туку и како бедем на слободата на изразување“.
Посебно место во мислите на Папата имаше Алчиде де Гаспери, кој пред да се посвети на политиката бил уредник, а потоа и директор на „La voce cattolica“ во Тренто, како и основач на дневниот весник „Il Trentino“.
Патот на квалитетот
Според Римскиот епископ, денес светот на информирањето се соочува со „нови предизвици“, а има само еден пат за да ги надмине: квалитетот.
Тоа значи способност „да се зачуваат гласовите и лицата, да се негува сериозноста на секоја приказна и анализа, да се чува убавината на културите и териториите и да се зајакнуваат заедниците“.
Папата истакна дека е потребно и одговорно „управување со технологијата“, без предавање на „реториката на еднонасочното размислување“.
Истовремено, тој повика на почитување на различните мислења, без новинарството да падне во искушение да го зголемува профитот преку „дрогата на лажните вести и вештачката поларизација“.
Инструмент на вистината
На крајот од својата порака, папата Лав XIV изрази желба дневните весници, во ова време на големи промени, да бидат „инструмент на вистината, чувар на историјата и сеќавањето, извор на знаење и квасец на човештвото“.
Со тоа Папата уште еднаш ја нагласи важноста на новинарството што не служи на сензационализам и поделби, туку на вистината, човечкото достоинство и општото добро.
Ватикан њуз/к.мк

