Охрабрете ги да бидат извор на надеж во свет обезличен од војна, рамнодушност и отфрлање на слабите. Папата ја упати оваа порака до учесниците на Генералното собрание на Браќа на христијанското образование од Плоермел, кои ги прими во аудеинција на 22 април 2024 година: бидете семејство, избегнувајте озборувања
Во својот говор пред учесниците на Генералното собрание на монашката заедница на Браќата на христијанското образование од Плоермел, кои ги прими во аудиенција во Ватикан, папата Фрањо му се заблагодари на Господа за делувањето во Духот, кое се покажува во нивните харизма на евангелизација на децата и младите преку образованието.
Како што рече, „ова собрание доаѓа по прославата на двесте години од постоењето на Институтот и ви нуди можност да се вратите на основните насоки кои ги водеа преподобниот Божји слуга Жан-Мари де Ла Менаис и отец Габриел Дешајес. Денес нивната работа е присутна во различни земји во светот, бидејќи се веруваа дека сè е можно за оние кои целосно се доверуваат на Господа и се ставаат во служба на целосниот човечки развој на секој човек. Никогаш не смееме да заборавиме од каде доаѓаме и секогаш сме повикани да го зачуваме сеќавањето на мотивите на нашите дела“, потсети папата Фрањо.
Нагласувајќи дека работат во области во светот каде има сиромаштија, младинска невработеност и социјални кризи од секаков вид, Светиот Отец ги поттикна да бидат татковци кои го отсликуваат Божјото лице полно со љубов и сочувство кон оние на кои се испратени. „Во свет кој постојано се менува, великодушно се ставате во служба на младите луѓе, внимавајќи на нивните копнежи и, во исто време, се свртувате кон Христос, врховното правило на вашиот живот. Вашиот повик ве принудува да одите таму каде што другите не одат, на периферијата, кон луѓе кои се жртви или во категоријата отфрлени и ранети од животот“, нагласи Светиот Отец, охрабрувајќи ги нивното присуство да го направат извор на надеж за многумина и во духот на братството и прифаќањето да го препознаат другото лице на човештвото изобличено од војни, рамнодушност и отфрлање на најслабите. Тој додаде дека и овие деца, овие млади луѓе имаат соништа, но денес од многу причини тие соништа се рушат.
Децата играат, дури и покрај бомбите, во завојуваните земји. Кога гледаме фотографии од тие земји, покажуваат деца како играат; но една работа ме погодува, кога децата од Украина доаѓаат во Рим и живеат тука, тие деца не се смеат: ја изгубиле насмевката. Тоа е последица на војната; ги тера децата да престанат да се смеат. Направете сѐ за да ја вратите насмевката на лицата на децата.
Папата истакна дека Црквата е семејство и дека сите ние, во различноста на харизмите и звањата, соработуваме за спасението на човекот, повикувајќи ги монасите да бидат посветени на службата на Петровиот наследник и тесно да соработуваат со бискупиите и да го држат подалеку од нивните животи секој дух на горделивост, затвореност, поделеност и озборување.
Озборувањето прави голема штета на верските заедници. Добра одлука за монах или монахиња би била да го гризне јазикот секогаш кога сака да зборува лошо за некој друг. Тоа би било добра идеја, нели?
„На крајот од вашето собрание, ќе ја обновите вашата посвета на Пречистото Срце Марија. Нека вашата педагогија секогаш биде вдахновувана од онаа којa со своето целосно ДА се согласи во неа да се исполни Божјиот спасоносен план за човештвото“, нагласи Папата и заврши со повик до присутните никогаш да не ја изгубат радоста и ги благослови сите учесници на собранието и браќата од целиот свет.
Ватикан њуз/к.мк