Папата: Да зборуваме за доброто; вмрежување против очајот и дезинформациите

Папата: Да зборуваме за доброто; вмрежување против очајот и дезинформациите

„Како да сееме надеж среде толку многу очај што нè допира и предизвикува? Како да се излечи вирусот на поделеност кој им се заканува на нашите заедници? Дали нашата комуникација е придружена со молитва? Или со Црквата се однесуваме, усвојувајќи ги само правилата на корпоративниот маркетинг?“ Ова се дел од прашањата кои папата Фрањо им ги постави на претседателите на бискупските комисии за медиуми и на директорите на прес-канцелариите на бискупските конференции, примајќи ги во понеделник, 27 јануари 2025 година, во аудиенција по повод јубилејот на медиумските работници.

„Христијанската комуникација покажува дека Царството Божјо е близу, овде и сега, и дека е како чудо што секој човек и секој народ може да го доживее. Царството Божјо доаѓа во вниманието што го посветуваме на другите и во грижата што ја даваме во исчитување на реалноста. Ни доаѓа и преку способноста да видиме и да сееме надеж за добро, а така да го победиме безнадежниот фанатизам“, нагласи Светиот Отец.

Светиот Отец ги потсети присутните медиумски работници дека „она што за нив е институционална служба е и повик на секој христијанин и секој крстен. Секој христијанин е повикан да види и раскаже добри приказни кои лошото новинарство сака да ги избрише, давајќи простор само на злото. Злото постои – тоа е вистина – и тоа не треба да се крие, но мора да се движиме, да поставуваме прашања и да бараме одговори“, предупреди Папата.

Затоа ги поттикна да ја зајакнат меѓусебната соработка, на континентално и универзално ниво, за да изградат поинаков модел на комуникација, поинаков по дух, креативност и поетска сила, која произлегува од Евангелието и кој е неисцрпен. „Кога комуницираме, ние сме творци на јазикот, но и создавачи на мостови. Комуникацијата што пренесува хармонија е конкретна алтернатива на новите вавилонски кули“, додаде Светиот Отец.

Ги потсети присутните на два збора: заедно и мрежа. Како што им рече, „само заедно можеме да ја пренесеме убавината која ја сретнавме: не затоа што сме вешти или имаме повеќе ресурси, туку затоа што меѓусебно се сакаме. Од ова имаме сила да ги сакаме дури и нашите непријатели, да ги вклучиме и оние кои згрешиле, да го обединат поделеното и да не очајуваме“, истакна Папата и ги повика сите да сеат надеж околу себе.

„За нас комуникацијата не е тактика или техника. Комуникацијата е чин на љубов. Само слободниот чин на љубов плете мрежи на доброто. Но мрежите мора да се негуваат и поправаат секој ден, трпеливо и верно“, додаде Светиот Отец и ја спомна мрежата како уште еден збор кој треба да се запамети.

„Тој збор, повеќе од социјалните, нè потсетува на рибарските мрежи и на повикот на Исус до Петар да стане рибар на луѓе. Затоа, „фрлањето мрежи“ е вештина за вмрежување, поврзување на знаењето и придонесите, за да можеме да информираме на соодветен начин и на тој начин да се спасиме од морето на очај и дезинформации. Да размислиме колку многу би можеле да направиме заедно, благодарение на новите алатки на дигиталната ера, па дури и на вештачката интелигенција, ако се трудиме повеќе да се вмрежиме – наместо да ја претвориме технологијата во идол?”

„Ништо не е изгубено; секогаш можеме да почнеме одново, потпирајќи се еден на друг и, сите заедно, на Бог! Ова е тајната на нашата комуникациска моќ. Светиот Отец ги охрабри присутните медиумски работници и потсети: „Католичката комуникација не е нешто посебно и не само за католиците. Католичката комуникација е отворен простор на сведоштво кој знае да ги слуша и препознае знаците на Царството.

„Да се запрашаме: дали нашите канцеларии се такви и дали нашите односи се такви? Нашата мрежа е гласот на Црквата што излегува од себе и сама ги наоѓа причините за својата надеж. Црквата мора да излезе од себе“, заклучи Светиот Отец.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот