Папата: Да го признаеме злото во нас

Папата: Да го признаеме злото во нас

Во наговорот кој што Светиот Отец го одржа на 23 јули 2017 година се осврна на евангелискиот дел и на Исусовата параболата за доброто пченично семе и за лошото семе каколот и верниците ги повика на расудување; на трпеливоста на Господарт, а не на склоноста за избрзување на неговите слуги.

Текстот го пренесуваме во целост…

Драги браќа и сестри, добар ден!

Денешната евангелска страница дава три параболи во кои Исус му говори на мноштвото за Царството небесно. Се задржувам на првата: она за доброто семе и каколот, што го осветлува проблемот на злото во светот и укажува на Божјото трпение (Мт 13, 24-30. 36-43). Колку е Божјото трпение. Секој од нас може да каже: Колку Бог е стрплив со мене! Дејството се одвива на нива, со двајца спротивставени протагонисти. Од една страна е Господарот на теренот кој го претставува Бог и кој го сее доброто семе; од другата страна е непријателот сатаната кој го шири каколот.

Со минувањето на времето меѓу житото расте и какол и – со оглед на тоа – Господарот и неговите слуги, заземаат различни ставови. Слугите би интервенирале и би го исплевиле каколот; но Господарот кој пред сѐ е зафатен околу спасението на житото, на тоа се спротивставува зборувајќи: „Не, да не би, корнејќи го каколот, да искорнете заедно со него и жито;“ (ред 29). Со оваа слика Исус ни зборува дека на овој свет доброто и злото, се така испреплетени, што не е возможно да ги разделиш, па да го искорениш само злото: Единствено Бог тоа може да го направи, и тоа ќе го направи на последниот суд.

Со својата двосмисленост и сложен карактер, моменталната ситуација е подрачје на слободата; подрачје на слободата за христијаните, на кое се одвива мачниот напор на расудувањето. Се работи за тоа, да се здружат со голема доверба во Бог и во неговата провидност, два наизглед спротивставени ставови: одлука и трпеливост. Одлуката е, да сакаш да бидеш со својата сила доброто семе за животот – и сите тоа го сакаме; и до онаа мера да се оттргнеш од злото и неговата заводливост. Трпението значи да ја сакаш Црквата која е квасец во тестото, која не се плаши да ги извалка рацете, перејќи ги облеките на своите деца, а не Црква на „чисти“, подготвена да суди пред време кој е за Царството Божјо, а кој не.

Господ Кој е овоплотена Мудрост, денес ни помага да сфатиме дека доброто и злото не можат да се поистветат со одредени подрачја или групи на луѓе. Овие се добри, а тие лоши… Тој ни вели дека линијата помеѓу доброто и злото поминува во срцето на секој човек; во срцето на секој од нас. Сите ние сме грешници. Ми доаѓа да ве прашам: Кој не е грешник, нека дигне рака…! Никој! Сите сме грешници. Исус Христос, преку смртта на крстот и преку своето воскресение нѐ избави од ропството на гревот и ни дава милост да живееме нов живот; но со Крштението ни ја дава и Исповедта затоа што секогаш ни е потребна прошката за своите гревови. Постојано и само да се гледа злото кое е надвор од нас, значи да не се сака да се признае гревот кој е и во нас.

Потоа Исус нѐ учи на поинаков начин на гледање на полето на светот и набљудувањето на реалноста. Повикани сме да се учиме од Божјите времиња, кои не се наши времиња; како и од неговиот „поглед“: благодарение на влијателното вознемирувачко чекање, она што изгледало какол или било какол може да стане добар плод. Тоа е аспект на надежта! Нека Дева Марија ни помогне да ја сфатиме реалноста која нѐ опкружува – не само нечистотијата и злото, туку и доброто и убавото; да се разоткријат делата на сатаната, но пред сѐ да се довериме на Божјото делување кое ја оплодува историјата.

Ангел Господов

Драги браќа и сестри! Со страв ја следам големата тензија и насилството во последните денови во Ерусалим. Чувствувам потреба да упатам искрен повик за воздржаност и дијалог. Ве повикувам да ми се придружите во молитвата, Господ во сите да поттикне планови за помирување и мир.

Ве поздравувам сите вас, верниците од Рим и поклониците од различните делови од светот: семејствата, црковните групи, здруженијата. Посебно ги поздравувам верниците од Мунстер (Ирска); сестрите фрањевки; симфонискиот лирски хор од Ене; младите од Касамасиме кои во Рим доброволно служеа.

Моите мисли и моето охрабрување оди до младите учесници на „Cantiere Hombre Mundo”, кои се обврзаа да ја сведочат радоста на Евангелието во најсиромашните предградија на разни континенти. Посакувам на сите вас добра недела. И не заборавајте да се молите за мене. Добар апетит и до гледање!

РВ/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот