На Чиста среда папата Фрањо на Генералната аудиенција ги поттикна верниците да се поврзат со Евангелието, на Господ да му кажат „ти“, да се посветат на здравата „екологија на срцето“ затоа што денес, како што кажа сме загадени од премногу вербално насилство.
Да го исклучиме телевизорот, да се одвоиме од мобилниот телефон, да се откажеме од брборење и вербално насилство и да појдеме со Исус кон бројните пустини кои нè опкружуваат, во одењето на љубовта која ги опфаќа сиромашните, старите лица и отфрлените. На Чиста среда со која започнува Великиот пост, папата Фрањо го упати тој поттик до верниците – кои беа околу 12.000 собрани на Генералната аудиенција во средата на 26 февруари 2020 година на плоштадот Свети Петар.
Напоменувајќи дека денес го започнуваме одот во Великиот пост, 40 дена одење кон Велигден, кон центарот на литургиската година и на верата, Папата истакна: Нашето одењето да го следи она на Исус, кој на почетокот на своето делување се повлекол во пустината 40 дена за да се моли и да пости, и каде го искушувал ѓаволот. Токму заради тоа Папата денес сака да зборува за духовното значење на пустината, која исто така за оние кои живеат во градот е место на голема тишина.
Пустината е место на одалечување од вревата која нè опкружува. Таа е отсуство на зборови за да има простор за друг збор, за Словото Божјо, кое како лесен ветрец го милува нашето срце. Пустината е место на Словото, напишано со голема буква – истакна Папата.
Во Библијата Господ сака да ни зборува за пустината – рече и потсети: Во пустината Мојсеј ги предава Десетте заповеди и му зборува во срцето на народот. Во пустината се слуша Словото Божјо, кое е како тивок звук, како – како што стои во Книгата Царства, „шепот нежен и благ ветар.“ Во пустината се пронаоѓа близината со Господ, со Господовата љубов. Исус кој секој ден со задоволство се повлекувал на осамени места за да се моли, нè научи како да го бараме Отецот, Кој ни зборува во тишината. Иако тоа не е лесно, Папата ги поттикна верниците да ја побараат тишината во своето срце. Великиот пост е затоа милостно време во кое можеме да направиме место за Словото Божјо.
Тоа е време кога треба да се исклучи телевизорот и да се отвори Библијата. Тоа е време во кое треба да се одвоиме од мобилниот телефон и да се поврзиме со Евангелието. Кога бев момче немаше телевизија, но беше обичај да не се слуша радио. Великиот пост е пустина, време на откажување, за одвојување од мобилниот телефон и поврзување со Евангелието – повтори Папата и додаде: Тоа е време во кое треба да се откажеме од залудните зборови, брборењата, гласините, озборувањата, и да разговараме со Господ и да Му кажеме „ти.“ Великиот пост е време во кое треба да се посветиме на здравата екологија на срцето и да го прочистиме – рече Папата.
Живееме во средина загадена со премногу вербално насилство, со многу навредливи и штетни зборови кои мрежата уште ги зацврстува – рече папата Фрањо и истакна: Денес се навредува како што се кажува „добар ден“. Преплавени се со празни зборови, со реклами, со подмолни пораки. Навикнати сме за сите да слушаме сè и ризикуваме да паднеме во световноста, заради што срцето би можело да ни се вкочани, а не постои бајпас кој тоа би го поправил, туку само тишината. Тешко го разликуваме гласот на Господ Кој ни зборува, гласот на совеста, гласот на доброто. Повикувајќи нè во пустината, Исус нè повикува да го послушаме она што е важно, битно.
Потсетувајќи потоа на Исусовиот одговор на ѓаволот: Не живее човек само од леб, туку и од секој збор кој излегува од Божјата уста, Папата истакна дека како леб и повеќе од леб ни треба Словото Божјо, потребен ни е разговор со Бог; потребна ни е молитвата. Само пред Бог излегуваат на светлината на денот склоностите на срцето и се руши дволичноста на душата. Ете затоа пустината е место на живото а не на смртта затоа што разговорот со Господ во тишината ни го враќа животот – истакна Папата.
Освен тоа, пустината е место на она што е важно – напомена, а потоа ги поттикна верниците да размислуваат за својот живот. Колку бескорисни работи нè опкружуваат! Сакаме илјадници работи кои ни изгледаат потребни, а всушност не се. Колку би ни било добро да се ослободиме од многу површни реалности за да го откриеме она што е важно, за да ги пронајдеме лицата на оние кои ни се блиску! – истакна Папата и додаде: И во тоа Исус ни дава пример, и тоа постејќи. Да постиш значи да знаеш да се откажеш од бескорисните работи, сувишните, за да одиме до она најважното. Треба да постиме не само за да ослабнеме; да постиме значи да одиме токму на важното; значи да ја бараме убавината на поедноставниот живот.
Гледајќи пак на пустината како место на осаменост, Папата се осврна на она што нас нè опкружува. И денес во нашата близина има многу пустини, многу сами луѓе. Тие се сами и напуштени луѓе. Колку сиромашни и стари луѓе се покрај нас и живеат во тишина, без врева, маргинализирани и отфрлени! – истакна Папата и рече дека говорот за нив не е интересен во јавноста. Но, пустината нè води до нив, до оние кои во тишината ја бараат нашата помош. Многу има молчеливи погледи кои ја бараат нашата помош. Одењето во Великиот пост во пустината всушност е одење на љубовта кон најслабите.
Одењето во Великиот пост го прави молитвата, постот, делата на милосрдието, за од смртта да нè доведат во живот – напомена Папата. Да влеземе со Исус во пустината, ќе излеземе од неа уживајќи во Велигден, со силата на Божјата љубов која го обновува живот. На нас ќе ни се случи она што се случува во пустината која во пролетта процветува, која изненадува, дава да избијат пупки и билки. Да влеземе во таа пустина на Великиот пост, да Го следиме Исуса во пустината; со Него нашите пустини ќе процветаат – поттикна Папата.
На крајот од аудиенцијата, папата Фрањо повторно изрази близина на сите заболени од корона вирусот, на здрвстсвените работници кои се грижат за нив, како и до граѓанските власти и до сите кои се ангажираат во давањето помош на пациентите и во запирањето на заразата.
Ватикан њуз/к.мк