Папата: Да го донесеме во светот огнот на обновена љубов, а не огнот на оружјето

Папата: Да го донесеме во светот огнот на обновена љубов, а не огнот на оружјето

На светата Литургија отслужена во светилиштето „Санта Марија дела Ротонда“ во Албано, посветена на лицата во потреба на кои им помага Бискупискиот Каритас, Папата ги поттикна верниците да бидат „Црква-мајка“ која раѓа и обновува, не со силата на овој свет, туку со љубовта и со прифаќањето. „Црква на сиромашните“ која на рамнодушноста се спротивставува со грижа. Тој исто така повика да не се делиме на оние што изгледаат сиромашни и оние што го даруваат своето време, знаење и помош; сите сме драгоцени.

Папата Лав XIV утрово, во недела на 17 август 2025 година, пеш пристигна во светилиштето „Санта Марија дела Ротонда“ во Албано, каде што заедно со свештениците, парохијаните и соработниците на Каритас, го чекаа за заедничка неделната Литургија сиромасите, корисниците на центрите за слушање, бездомниците и жителите на прифатните домови и семејните установи.

Пред почетокот на Литургијата, Светиот Отец под тремот на тоа светилиште од XI век ја разгледа фотографската изложба организирана од Бискупискиот Каритас под наслов „Знаци на надеж“. Се работи за тринаесет панели кои претставуваат вистинити приказни, чувства, податоци и секојдневен ангажман за сиромашните и потребните, со цел да се покаже дека секој може на другиот да му дарува помош, внимание и љубов. Меѓу нив има и панел посветен на пораката на Папата Лав XIV за Светскиот ден на сиромашните, кој ќе се одбележи на 16 ноември.

Веднаш потоа, Светиот Отец влезе во светилиштето и, пред да започне подготовката за Литургијата, накратко се задржа во молитва пред Пресветиот Олтарски Сакрамент.

Во Црквата сме Телото Христово

Радост е да се собереме заедно – рече Папата на почетокот на проповедта, забележувајќи дека сите доаѓаме во црквата со извесен замор и страв, понекогаш помал, понекогаш поголем, но веднаш се чувствуваме помалку осамени, бидејќи сме заедно со другите и ги наоѓаме Божјото Слово и Телото Христово. Зашто ако Црквата, како и секоја човечка стварност, однадвор може да изгледа груба, кога ќе го преминеме нејзиниот праг и ќе наидеме на прифаќање, тогаш се открива нејзината божествена реалност – објасни Папата. Нашето лично сиромаштво и ранливост, а особено неуспесите поради кои можеме да бидеме презрени и осудувани, се прифатени во нежната Божја сила, во безусловната љубов без остра осуда. Во Марија стануваме Црква-мајка која раѓа и обновува, со силата на љубовта.

Огнот на љубовта се спушта и служи

Коментирајќи го евангелието од денешната Литургија, во кое Исус предупредува дека неговото доаѓање ќе донесе „разделување“, Папата потсети дека на Последната вечера Христос им го даде на учениците својот мир, поинаков од оној што го нуди светот. Светот нѐ навикнува да го заменуваме мирот со удобност, а доброто со смиреност. Но Исус вели: „Дојдов да фрлам оган на земјата и колку би сакал да се беше веќе разгорел!“ (Лука 12,49). Додека некои советуваат да не ризикуваме, да се чуваме, сметајќи дека е важно да останеме спокојни и дека некои луѓе не заслужуваат љубов, Христос храбро се потопи во нашата човечност и говори за крштавањето на Крстот, за целосното нурнување во ризиците што ги носи љубовта. Ние се храниме од тој негов храбар дар кога ја примаме Светата Причест – истакна Папата.

Светата Литургија го храни токму тој избор – изборот да не живееме само за себе, туку во светот огнот да го донесуваме. Огнот не е оружје, ниту зборови кои согоруваат други. Тоа е оган на љубовта што се спушта и служи, што на рамнодушноста одговара со грижа, а на гордоста со кротост; оган на добрината кој не бара цена како оружјето, туку бесплатно го обновува светот. Тој може да донесе недоразбирања, потсмевање, па дури и прогон, но носењето во себе на тој оган на љубов е најголемиот мир.

Да ги рушиме ѕидовите и да бидеме дар за другите

Огнот на Христовата љубов е присутен и во делата на Каритас на бискупијата Албано – нагласи Папата и му се заблагодари на бискупот Винченцо Вива и на сите кои служат во 78 парохии и 8 викаријата на таа територија, поттикнувајќи ги да го негуваат братството.

„Ве поттикнувам да не правите разлики меѓу оние што помагаат и оние што примаат помош, меѓу оние што даруваат и оние што примаат, меѓу оние што изгледаат сиромашни и оние што го даруваат своето време, знаење и помош. Ние сме Црква Господова, Црква на сиромашните; сите сме драгоцени, сите сме учесници, секој е носител на единственото Божјо слово. Секој е дар за другиот. Да ги рушиме ѕидовите“.

Не оставајте го Бог надвор од својот живот

Зборови на благодарност Папата упати и кон сите кои во христијанските заедници се трудат да ја олеснат средбата меѓу луѓето од различно потекло, економска, психичка и емотивна состојба. „Ние сме Телото Христово, Божјата Црква“ – рече Папата и појасни – „стануваме едно Тело во кое и најслабите учествуваат со полно достоинство, а тоа се случува кога огнот што го донесе Исус ги согорува предрасудите, претпазливоста и стравовите што ги исклучуваат оние кои во својата историја го носат белегот на Христовото сиромаштво“.

„Не оставајте го Господа надвор од нашите цркви, од нашите домови и од нашите животи. Дозволете Му да влезе преку сиромашните, и тогаш ќе се помириме со сопственото сиромаштво, она од кое се плашиме и го одбиваме кога по секоја цена бараме мир и сигурност.“

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот