Повикани сме да го наследуваме примерот на мудреците од Исток и грижливо да го бараме Исус, подготвени исто така за да потрудиме да се сретнеме со Него во својот живот – рече папата Фрањо во пладневниот наговор одржан на празникот Богојавление, пред мноштвото верници на плоштадот Свети Петар.
Осврнувајќи се на Евангелието од денешната Литургија (Матеј 2, 1-12), Папата рече дека тоа ни прикажува три начини на кои е подготвено доаѓањето на Исус Христос и неговото покажување во светот. Првото однесување е грижливото барање, второто е рамнодушноста, а третото стравот.
Пример за грижливо барање ни даваат тројцата мудреци кои не се двоумат да тргнат на пат за да го бараат Месијата – рече Светиот Отец. Пристигнувајќи во Ерусалим се распрашуваат каде е новородениот Цар Јудејски. „Ја видовме Неговата ѕвезда на Исток, па дојдовме да Му се поклониме.“ – зборувале. Долго патувале и сега грижливо настојуваат да откријат каде се наоѓа новородениот Цар. Во Ерусалим му се обраќаат на царот Ирод кој од првосвештениците и книжниците бара да се распрашат за местото каде треба да се роди Месијата.
На тоа грижливо барање на тројцата мудреци се спротивставува второто однесување, а тоа е рамнодушноста на првосвештениците и книжниците кои – според зборовите на Папата – биле многу комотни. Тие ги познавале Писмата и биле во состојба да дадат исправен одговор за местото на раѓање: „Во Витлеем Јудејски затоа што така пишува пророкот;“ знаат – истакна Папата – но не се трудат за да одат да го посетат Месијата. Витлеем е одалечен само неколку километри, но тие не се помрднуваат – рече Светиот Отец.
Уште понегативно е третото однесување, тоа на Ирод, затоа што кај него станува збор за страв. Тој се плаши тоа Дете да не му ја одземе власта – рече Папата. Ги повикува мудреците и од нив го дознава времето кога се појавила ѕвездата, и ги испраќа за Витлеем зборувајќи им: „Отидете и распрашајте се добро за Младенецот и, штом ќе Го најдете, јавете ми за да отидам и јас да Му се поклонам.“
Ирод всушност не сакал да отиде за да му се поклони на Исус – рече папата Фрањо. Ирод сака да знае каде се наоѓа Детето, не за да му се поклони, туку за да го отстрани затоа што го смета за ривал – истакна Папата и предупреди: Внимавајте, стравот секогаш води до лицемерие. Лицемерите се такви затоа што имаат страв во срцето.
Тие се трите однесувања кои ги наоѓаме во Евангелието: грижливото барање на мудреците од Исток; рамнодушноста на првосвештениците, книжниците, на оние кои ја познавале теологијата; и стравот на Ирод – повтори папата Фрањо. И ние можеме да размислување и да одлучиме кои од тие три однесувања сакаме да ги попримиме? Сакаме ли грижливо да одиме до Исус? Или мене Исус ништо не ми зборува… нема да се вознемирувам… Или пак се плашам од Исус и во своето срце сакам да го исфрлам? – праша Папата.
Самољубието може да доведе до тоа Исусовото доаѓање во својот живот да можеме да го сметаме за закана – објасни и додаде: Тогаш се настојува да се сотре или замолче Исусовата порака. Кога се наследува човечката амбиција, комотните можности, склоноста на злото, Исус се чувствува како пречка.
Од друга страна секогаш е присутно и искушението на рамнодушноста – рече Папата и објасни: Иако знаеме дека Исус е Спасител на сите нас, повеќе живееме како Тој да не е. Наместо да се однесуваме во согласност со сопствената христијанска вера, се наследуваат начелата на светот кои водат до тоа да се задоволи стремежот кон горделивоста, кон жедта за моќ и богатство.
Напротив, повикани сме да го наследуваме примерот на мудреците од Исток – истакна Папата – треба да бидеме грижливи во барањето, и подготвени и да вложиме труд за да го сретнеме во својот живот Исус. Треба да го бараме за да го препознаеме во Него нашиот Господ, Оној кој упатува на прав пат кој треба да се наследува.
Ако попримиме такво однесување, Исус навистина нè спасува, а ние можеме да живееме убав живот, можеме да растеме во верата, во љубовта кон Бог и кон браќата – истакна Папата и на крајот го повика застапништвото на Пресвета Богородица, ѕвезда на ходочасничкиот човечки род. Нека со нејзината мајчинска помош секој човек дојде до Христос, Светлината на вистината, а светот нека напредува на патот на праведноста и мирот – посака папата Фрањо на крајот од наговорот.
По молитвата Ангел Господов, Папата потсети дека некои Источни Цркви, католички и православни овие денови го слават Господовото раѓање, и им упати срдечни честитки. Посебно близина изрази на коптските православни христијани, и срдечен поздрав упати до патријархот Тавадрос II, во – како што рече – радосната пригода на посветувањето на новата катедрала во Каиро.
Истакнувајќи потоа дека на празникот Богојавление се одбележува Денот на Делата на светото детство, Папата рече дека по тој повод младите мисионери се повикани Исусовиот поглед да го направат свој, за да стане скапоцено водството во нивното заземање во молитвата, братството и солидарност со врсниците кои се во потеба. Потсетуваме дека Денот на Делата на светото детство е посебен ден на молитва и собирање на материјална помош за да помогне на сиромашните деца во целиот свет.
РВ/к.мк