По молитвата Ангел Господов, Папата го спомна своето 35 апостолско патување во рамки на кое ги посети Кипар и Грција, а од кое се врати пред два дена. Се заблагодари на Господ за тоа ходочастие, како и на сите верници за молитвата со кои го придружуваа, како и на жителите на тие две земји и на нивните граѓански и верски власти.
На Кипар тој „бисер на Медитеранот“ кој меѓутоа носи рана од бодликава жица и болка заради ѕидот кој го дели, Папата се почувствувал како во семејство. Во сите најдов браќа и сестри – рече и од сите многу силни сеќавања посебно ја издвои светата Литургија на стадионот во Никозија.
Напоменувајќи дека бил трогнат од зборовите на „драгиот православен брат Хризостом“, кога му зборувал за Мајката Црква, Папата повторно истакна дека како христијани одиме по различни патишта, но сме деца на Исусовата Црква која е Мајка и која нѐ придружува, чува, ни дава да одиме напред, сите како браќа. Папата Фрањо посака Кипар секогаш да биде „лабараторија на братството“, каде средбата преовладува над конфликтот, каде братот се прифаќа посебно кога е сиромашен, отфрлен, кога е мигрант. Пред животот, пред лицата на оние кои мигрираат не можеме да молчиме – истакна Светиот Отец- не можеме да се свртиме на другата страна.
На Кипар како и на Лезбос можев во очите да го видам тоа страдање; ве молам да ги гледаме во очи отфрлените со кои се среќаваме, да дозволиме да нѐ поттикнат лицата на децата, децата на очајните мигранти. Да дозволиме нивното страдање да копа по нашата внатрешност за да реагираме на својата рамнодушност; да ги гледаме нивните лица за да се разбудиме од сонот на навиките – поттикна Папата.
Со благодарност мислам и на Грција. И таму бев примен како брат. Во Атина почувствував дека сум потопен во големината на историјата, во тоа „сежавање на Европа“, во хуманизмот, демократијата, мудроста, верата. И таму ја искусив „мистиката на заедништвото“: на средбата со браќата епископи и со католичката заедница, на свечената света Литургија и потоа со младите – се присети Папата.
Го спомна и дарот на прегратката со драгиот православен архиепископ Јероним и рече дека во срцето го чува тоа братство. На Пресвета Мајка Божја ги довери многуте семиња од средбите и надежта која Господ ја посипуваше на тоа ходочастие и ги поттикна верниците да продолжат да молат за тоа да р’ти во трпеливоста и да цвета во довербата.
На крајот Светиот Отец потсети дека денес завршува годината посветена на свети Јосиф заштитникот на општата Црква, додека на 10 декември во Лорето завршува Лауретанскиот јубилеј. Нека милоста од тие настани продолжат да делуваат во нашиот живот и во животот на нашите заедници. Нека Дева Марија и свети Јосиф нѐ водат по патот на светоста – рече папата Фрањо.
Ватикан њуз/к.мк