На средбата со членовите на католичките добротворни организации, папата Лав XIV ја охрабри американската подружница на „Каритас“ да не подлегнува на обесхрабрување и покрај предизвиците, истакнувајќи дека грижата за сиромашните е составен дел од автентичниот христијански живот.
Папата Лав XIV во понеделник, 4 мај 2026 година, се сретна со членовите на Управниот одбор на „Католичките добротворни организации на САД“, американската членка на „Каритас Интернационалис“, добротворна организација на Црквата.
Во своето обраќање, Папата призна дека оние што настојуваат да го навестуваат Евангелието преку грижа за сиромашните и за најпотребните често се соочуваат со лични и институционални тешкотии.
„Тоа вклучува обезбедување доволно ресурси, покажување на другите дека овој вид служба е составен дел од автентичниот христијански живот и одбивање да му се даде простор на обесхрабрувањето, особено кога се среќаваме со луѓе на кои не можеме да им помогнеме на начинот на кој би сакале“, рече тој.
Папата Лав истакна дека „Католичките добротворни организации на САД“ се соочуваат со истите овие предизвици.
„Токму кога се соочуваме со такви пречки, треба да научиме повторно да го слушнеме гласот на Исус, Кој ни вели: ‘Јас сум со вас во сите дни!’“, рече тој.
Кон крајот на март 2026 година, американската влада го намали финансирањето на програмата што ја водеше Мајамската надбискупија, која со децении обезбедуваше услуги за малолетници без придружба.
Акцијата „Педро Пан“ уште од 1960 година ѝ помагаше на Канцеларијата за преселување бегалци да ги сместува децата во згрижувачки семејства и да ги обединува со членовите на нивните семејства.
Папата продолжи со охрабрување за „достојните напори“ на „Католичките добротворни организации на САД“ да ја продолжат Господовата „служба на сочувство, особено кон најмалите меѓу нас“.
„Правејќи го тоа, се стремите да пронајдете решенија за нечовечки ситуации, да ги ублажите страдањата на поединците и семејствата и да им го олесните товарот на оние што се оптоварени со тешкотии и судири“, рече тој. „Во сите овие околности, Христовото милосрдие треба да ве поттикнува во вашата секојдневна работа.“
„Католичките добротворни организации на САД“ опфаќаат повеќе од 170 епархиски агенции и се една од најголемите организации за социјални услуги во Соединетите Американски Држави.
Папата Лав потсети дека љубовта кон ближниот е видлив доказ за автентичната љубов на христијанинот кон Бога.
Работниците во католичките добротворни организации, рече папата Лав, треба да бидат водени од „желбата на другите да им донесат материјална помош со љубовта на срцето Исусово, бидејќи во таа љубов ќе најдат вистински одмор и нивното достоинство ќе биде почитувано“.
Додека им помагаат на помалку среќните преку практична помош, додаде тој, католичките добротворни организации доаѓаат во допир со телото Христово.
На крајот, папата Лав XIV го охрабри Управниот одбор да препознае дека Христовото Воскресение „прави сè ново“ и да дозволи работата на организацијата да биде водена од воскресната надеж.
„Ви упатувам најдобри желби за вашата благородна мисија и ве уверувам вас и сите ваши соработници дека ќе ве спомнувам во моите молитви.“
Ватикан њуз/к.мк

