Главна тема на разговорот во Државниот секретаријат беше предлогот за формирање глобален фонд за искоренување на гладот во светот и промовирање на развојот на најсиромашните земји, како и меѓународната ситуација, со конфликтите во Украина и Газа.
На 6 јуни 2025 година, папата Лав XIV го прими претседателот на Европскиот совет, Антонио Коста, во Апостолската палата во Ватикан, кој потоа се сретна со државниот секретар, кардиналот Пјетро Паролин, и монсињор Мирослав Ваховски, потсекретар за односи со државите и меѓународните организации.
За време на срдечниот разговор во Државниот секретаријат, беа истакнати добрите билатерални односи меѓу Светиот Престол и Европската Унија, како и желбата за понатамошно интензивирање на дијалогот за прашања од заемен интерес, особено во врска со предлогот за формирање глобален фонд за искоренување на гладот во светот и промовирање на развојот на најсиромашните земји. Во продолжението на разговорот, беше разгледан актуелниот меѓународен контекст, со посебен осврт на конфликтите во Украина и Газа.
Во објава на платформата X, претседателот Коста нагласи дека Светиот Престол е важен партнер на Европската Унија во соочувањето со глобалните предизвици.
Ватикан њуз/к.мк