Папата Фрањо во петок 17 јануари 2020 го прими во аудиенција претседателот на Демократска Република Конго, Феликс Чизекеди. Освен средбата со Папата, претседателот на ДР Конго се сретна и со државнот секретар, кардинал Пиетро Паролин, со кого размени ратификациски инструменти за Рамковниот договор помеѓу Светиот Престол и таа африканска земја
Големо е задоволството за ратификацијата на Рамковниот договор помеѓу Светиот Престол и Демократска Република Конго за прашања од заеднички интерес – истакнато е за време на разговорот во Ватикан, помеѓу папата Фрањо и претседателот на ДР Конго Чизекеди. За време на средбата е истакнат и придонесот на Католичката црква за демократскиот процес, како и за општо добро и целосен развој на земјата, посебно на подрачјето на образованието и здравството – стои во соопштението на Канцеларијата за печат при Светиот Престол.
Освен тоа, станало збор и за актуелната состојба во земјата, со посебен осврт на трпението на населението во источните покраини, поради постојаните вооружени судири и ширењето на вирусот ебола. Исто така истакната е и итната потреба од координација и соработка на национално и меѓународно ниво, со цел заштита на човечкото достоинство и промовирање на цивилизираниот соживот, поаѓајќи од бројните прогонети и бегалци кои се соочуваат со тешка хуманитарна криза – известува Канцеларијата за печат при Светиот Престол.
Ватикан њуз/к.мк