Папата го посети домот за сираци во Пуерто Малдонадо

Папата го посети домот за сираци во Пуерто Малдонадо

На 19 јануари 2018 година по средбата со народите на Амазонија, Светиот Отец се упати кон институцијата „Hogar Principito – Дом на малиот принц“ во перуанскиот град Пуерто Малдонадо за да се сретне со деца без семејства.

Во својот говор Папата ги повика младите кои поминале низ „Домот на малиот принц“ да бидат светлина на надеж за оние кои живеат таму.

Колку прекрасно сведоштво нудите сите вие млади луѓе кои сте поминале по овој пат, кој сте ја пронашле љубовта во овој дом и сега можете да ја обликувате сопствената иднина! – рече Светиот Отец и продолжи: На сите нас ни покажувате огромен потенцијал за секој поединец. За овие момчиња и девојчиња сте најдобриот пример за следење, знак на надеж дека и тие ќе успеат да го остварат истото. На сите ни се потребни добри примери; децата имаат потреба да гледаат кон напред и да пронајдат позитивни примери и да кажат: „Сакам да бидам како него, како неа“ – рече Папата поттикнувајќи ги младите кои поминале низ домот често да ги посетуваат децата кои моментално живеат во домот. Бидете за нив, како што рекол малиот принц, ѕвездички кои светкаа во ноќта – ги поттикна папата Фрањо алудирајќи на новелата на францускиот писател Антоан де Сен Егзипери по кој тој дом го добил името.

Папата Фрањо им рече на децата дека тие се одраз на детето Исус. Тој е нашето богатство – продолжи Светиот Отец. Вие сте, деца негов одраз и исто така сте богатство за нас, најскапоцено богатство кое го имаме и кое сме повикани да го чуваме. Потоа побара прошка за сите оние моменти кога возрасните не се грижеле за нив, кога не им ја подариле важноста која ја заслужуваат. Потоа Папата рече дека го радува кога гледа дека децата имаат дом каде се прифатени како и луѓе кои им помагаат да видат дека Бог ги зема за рака и им става соништа во нивните срца.

Светиот Отец исто така ги повика децата од кои некои доаѓаат од домородните заедници, да учат и да ги искористат предностите на образовните можности. Потребни сте му на светот, вие мажи и жени на првите народи и потребни сте такви такви што сте – истакна папата Фрањо повикувајќи ги да стапат во контакт со своите корени, но истовремено да ги отворат своите очи за нови работи; да ги слушаат старите и да ја ценат сопствената традиција, но да не ја зауздат својата љубопитност. Спојте го старото и новото на свој сопствен начин. Поделете го она што сте го научиле со светот затоа што на светот му е потребно да бидете она што навистина сте, а не имитација на другите – им рече Папата.

Конечно, Светиот Отец се заблагодари на директорот на домот, отец Хавиер, како и на сите оние кои го посветиле своето време за да им овозможат на децата подобар живот. На крајот ве замолувам за две работи – заврши папата Фрањо: Да се молите за мене и да не заборавите дека сте ѕвездички кои ја осветлуваат ноќта.

РВ/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот