Папата го охрабри Центарот за студии „Лав XIV“ да придонесува во градењето цивилизација на љубовта

Папата го охрабри Центарот за студии „Лав XIV“ да придонесува во градењето цивилизација на љубовта

Папата Лав XIV во петок, 18 септември 2026 година, во Ватикан ги прими членовите на меѓународниот Центар за студии што го носи неговото име и ги охрабри да црпат вдхновение од автентичниот хуманизам и од социјалното учење на Црквата, придонесувајќи во градењето цивилизација на љубовта.

Папата Лав XIV во петокот во Ватикан одржа аудиенција со членовите на Меѓународниот центар за студии „Лав XIV“, иницијатива на неговиот Ред на свети Августин, создадена како одговор на повикот на Светиот Отец повторно да се открие вредноста на социјалното учење на Црквата како суштинска алатка за соочување со предизвиците на современиот свет.

„Уште од почетокот“, рече Папата, „ја ценам посветеноста на Центарот на широк дијалог со универзитетите, академските институции, јавните тела, организациите на граѓанското општество, црковните заедници и мрежи, поттикнувајќи односи на соработка и размена и на национално и на меѓународно ниво.“

Според него, „тајната“ на овој пристап е „секогаш да одиме заедно, без да ја затвораме вратата за средба со оние што се различни“.

Хуманизмот и социјалното учење на Црквата

Папата ги охрабри членовите на Центарот да се вдахновуваат од вредностите на автентичниот хуманизам, кој, кога е отворен кон Создателот, може да помогне во градењето братски односи.

„Цивилизацијата не ја создава војната, туку ткаењето на мирот и праведната рамнотежа“, рече тој.

Папата Лав XIV потсети и на придонесот на социјалното учење на Црквата, нагласувајќи ги неговите „народни“ корени.

„Неговото повторно читање на христијанското Откровение во современите општествени, работни, економски и културни услови би било незамисливо без христијаните лаици кои се соочувале со предизвиците на своето време“, рече Папата.

Истовремено, одговорот на тие предизвици бара „постојано взаемно дејствување“ меѓу верниците и Учителството на Црквата, меѓу обичните граѓани и стручњаците, како и меѓу луѓето и институциите.

Папата го повика Центарот да ги поттикнува токму ваквите средби и односи.

Мисија на надеж

Светиот Отец потоа накратко ја опиша нивната „мисија на надеж“: да промовираат формација за јавен и политички живот сфатен како служење на општото добро, одговорност кон заедницата и градење односи засновани врз солидарност, правда и мир.

Во оваа смисла, продолжи тој, августинското наследство на Центарот има „многу да му понуди на денешниот меѓународен контекст“, особено преку разбирањето на љубовта како принцип за обновување на личниот, економскиот и политичкиот живот.

Навраќајќи се на мислата на свети Августин, папата Лав XIV рече:

„Историјата ја гледаме во светлината на распнатиот и воскреснат Господ. Сегашноста не ја толкуваме како затворена судбина, туку како поле отворено за лична и заедничка преобразба.“

На крајот, Папата ги повика присутните да бидат „познавачи на Божјите новини“: не на оние што заслепуваат со брзина и ефикасност, туку на оние што Бог пополека ги остварува, ослободувајќи го стариот свет од неговите безизлези и отворајќи нови патишта по кои сите заедно можеме да чекориме кон Неговиот град.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот