Папата го охрабри Каритас да се бори против неправдата

Папата го охрабри Каритас да се бори против неправдата

Папата Лав XIV ги повика претставниците на христијанските добротворни организации да не ја губат радоста во својата служба и да останат свесни дека преку нивната работа стануваат „Божји раце и инструменти на Неговиот мир“.

Светиот Отец во четврток, 19 ноември 2026 година, во Ватикан ги прими учесниците на состанокот организиран од Каритас Интернационалис по повод 25-годишнината од мрежата Христијански организации против трговијата со луѓе, која обединува повеќе од 30 организации од целиот свет.

Тридневната средба во Рим беше посветена на темата „Кон свет ослободен од трговијата со луѓе“, а Папата во своето обраќање ја истакна важноста на христијанската вера како темел на нивната мисија.

„Не ја губете радоста да бидете Божји раце и инструменти на Неговиот мир, мир кој е невооружен и разоружувачки, смирен и истраен, мир кој доаѓа од Бога кој нè сака сите безусловно“, порача папата Лав XIV.

Тој им се заблагодари на организациите и на бројните волонтери за нивната служба, особено во средини погодени од сиромаштија, конфликти, маргинализација и трговија со луѓе. Папата призна дека придружувањето на луѓето кои живеат во тешки и несигурни околности често бара голема истрајност и лична жртва.

Осврнувајќи се на своето долгогодишно мисионерско искуство во Перу, Светиот Отец рече дека одблиску видел како Црквата, Каритас и другите христијански организации можат да внесат надеж таму каде што сиромаштијата и исклученоста се дел од секојдневието.

Според него, токму верата е она што ја дава посебната смисла на нивната работа.

Папата потсети и на учењето на Катехизмот на Католичката црква, според кое милосрдието е „најголемата општествена заповед“. Затоа, нагласи тој, христијанската помош треба да биде конкретен израз на Христовата нежност кон секој човек.

„Преку вашата работа, заедно со работата на милиони волонтери низ целиот свет, вие се спротивставувате на рамнодушноста преку конкретната посветеност на почитувањето и заштитата на достоинството што Бог му го дарува на секој човек“, рече Папата.

Тој ги охрабри организациите да продолжат со братската соработка и со своето присуство да бидат знаци на правда, надеж и добра вест за луѓето кои најмногу имаат потреба од помош.

к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот