Папата ги поттикна новите амбасадори да го негуваат дијалогот

Папата ги поттикна новите амбасадори да го негуваат дијалогот

Негувајте го дијалогот и соработката во општеството кое станува сѐ повеќе глобализирано – рече папата Фрањо на новите нерезидентни амбасадори при Светиот Престол, кои ги прими на 14 декември 2017 година.

Негувајте го дијалогот и соработката во општеството кое станува сѐ повеќе глобализирано, затоа што таа соработка е неопходна за да помогне за развојот на онаа солидарност која е услов за раст на правдата и должното почитување на достоинството, правата и стремежите на сите луѓе – рече папата Фрањо на новите нерезидентни амбасадори при Светиот Престол од Јемен, Нов Зеланд, Свазиленд, Азербејџан, Чад, Лихтенштајн и Индија, а кои ги прими на 14 декември 2017 година.

Папата рече дека е свесен дека новите амбасадори доаѓаат од различни земји, а историјата на секоја поединечна нација се карактеризира со различни културни и верски традиции. Од таа причина ја користи приликата за да ја истакне позитивната и конструктивната улогата на таквата разноликост во заедницата на народите. Меѓународната заедница – предупреди Светиот Отец – се соочува со серија сложени закани за одржливоста на животната средина и со светската општествена и човечка екологија, како и со опасностте за мирот и слогата кои произлегуваат од насилните фундаменталистички идеологии и регионални конфликти кои често се појавуваат под маската на спротивставени интереси и вредности.

Сепак – продолжи папата Фрањо – важно е да се има на ум дека различноста на човечките семејства не е сама по себе причина на тие предизвици за мирен соживот. Навистина, центрофугалните сили кои сакаат да ги разделат луѓето не се наоѓаат во нивните разлики, туку во неуспехот да тргнат по патот на дијалогот и разбирањето кој е најделотворниот начин за одговарање на тие предизвици – рече Папата.

Вашето присуство овде е потсетник на клучната улога на дијалогот која овозможува живеење со различностите на веродостоен и меѓусебно збогатувачки начин во општеството кое станува сѐ повеќе глобализирано – рече Светиот Отец на новите амбасадори и истакна дека комуникацијата полна со почитување доведува до соработка, посебно во промовирањето на помирувањето каде тоа е најпотребно. Од своја страна таа соработка помага во напредокот на таа солидарност која е услов за раст на правдата и должното почитување на достоинството, правата и стремежите на сите луѓе. Определувањето за дијалогот и соработката мора да бидат главната карактеристика на секоја институција на меѓународната заедница, како и на секоја национална и локална институција, затоа што сите се одговорни да трагаат по општото добро – истакна папата Фрањо.

Промовирањето на дијалогот, помирувањето и соработката не смее да се земе здраво за готово – предупреди Светиот Отец. Чувствителната умешност за дипломатија и тешката работа за градење на нацијата мора одново да се научат со секоја нова генерација. Имаме колективна одговорност да ги едуцираме младите луѓе за важноста на тие начела за да го поддржиме општествениот поредок. Пренесувањето на ова скапоцено наследство на нашите деца и внуци нема само да обезбеди мирна и успешна иднина, туку исто така ќе одговори на барањата за меѓугенерациска правда и на оној целосен човеков развој кој е право на секој маж, жена и дете – рече папата Фрањо и на крајот на амбасадорите им посака се најдобро во нивната нова служба, повикувајќи на нив, на нивните семејства и народите избилен Божји благослов.

РВ/к.мк

 

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот