Папата на новите амбасадори кои ги прими за да му ги предадат акредитивните писма им посака во оваа време на предизвици и глобални кризи, да бидат застапници на дијалогот и поборници за надежта.
Папата Фрањо на 13 мај 2023 години ги прими во аудиенција вонредните и ополномоштени амбасадори во Светиот Престол на пет земји: Исланд, Бангладеш, Сирија, Гамбија и Казахстан. Во својот говор тој конкретно го спомна – како што рече, саканиот сириски народ кој сè уште се опоравува од неодамнешниот силен земјотрес, среде постојаното страдање предизвикано од вооружениот конфликт. Набљудувајќи ја состојбата на светот, дури и површен поглед може да нè вознемири и обесхрабри – истакна Светиот Отец и додаде:
Да мислиме на Судан, Демократска Република Конго, Мјанмар, Либан и Ерусалим, кои се соочуваат со конфликти и немири. Хаити продолжува да поминува низ сериозна социјална, економска и хуманитарна криза. Потоа, секако тука е и војната која е во тек во Украина, која донесе неискажливи страдања и смрт. Покрај тоа, гледаме пораст на присилната миграција, ефектите од климатските промени и голем број наши браќа и сестри ширум светот кои сè уште живеат во сиромаштија поради недостаток на пристап до чиста вода, храна, основна здравствена грижа, образование и пристојна работа. Несомнено, владее се поголема нерамнотежа во глобалниот економски систем.
Кога ќе научиме дека сме едно човечко семејство?
Осврнувајќи се на многу критични прашања кои предизвикуваат големи страдања на населението во многу земји, Папата постави низа прашања кои се однесуваат на сите луѓе:
Кога ќе научиме од историјата дека патиштата на насилството, угнетувањето и неограничената амбиција за освојување земји не му служат на општото добро? Кога ќе научиме дека инвестирањето во благосостојбата на луѓето е секогаш подобро од трошењето ресурси за правење смртоносно оружје? Кога ќе научиме дека социјалните, економските и безбедносните прашања се меѓусебно поврзани? Кога ќе научиме дека сме едно човечко семејство кое навистина може да напредува само кога сите негови членови се почитувани, згрижени и способни да го дадат својот придонес на оригинален начин? Сè додека не станеме свесни за тоа, ќе продолжиме да го живееме она што јас го нареков Трета светска војна водена во делови.
Амбасадори, мажи и жени на дијалогот и надежта
Светиот Отец истакна дека во светот треба да се забележат и резултатите за пофалба, како што се извонреден технолошки и научен напредок или веќе преземените чекори за решавање на општествените прашања и за развој на меѓународното право. Но – истакна, тоа не може да доведе до чувство на задоволство или, уште полошо, до рамнодушност кон моменталната ситуација во светот. Освен тоа, неопходно е да се осигураме дека секој може да има корист од овие достигнувања и случувања – истакна тој и нагласи дека треба да останеме оптимисти и одлучни во вербата дека човечкото семејство е способно успешно да се соочи со предизвиците на нашето време.
Осврнувајќи се на службата на амбасадорите, Римскиот епископ пред сѐ истакна дека таа е многу стара и благородна служба и дека апостол Павле го употребил овој термин кога зборувал за оние кои го навестуваат Исус Христос.
Како маж или жена на дијалогот, градител на мостови, амбасадорот може да биде лик на надеж. Надежи за крајната добрина за човештвото. Надеж дека заеднички терен е можен, затоа што сите сме дел од човечкото семејство. Надеж дека никогаш нема да се каже последниот збор за да се избегне конфликт или да се реши по мирен пат. Надеж дека мирот не е неостварен сон. Иако продолжува верно да и служи на својата земја, амбасадорот се обидува да ги остави настрана непотребните емоции и да ги надмине вкоренетите ставови, за да најдат прифатливи решенија. Тоа секако не е лесна задача. Гласот на разумот и повиците за мир често паѓаат напразно. Сегашната ситуација во светот, пак, само дополнително ја нагласува потребата амбасадорите и нивните колеги да бидат застапници на дијалогот, поборници за надежта.
Ангажирање на Светиот Престол
На крајот, тој истакна дека Светиот Престол ја цени важната улога на амбасадорите и дека се обврзува да го заштити неприкосновеното достоинство на секој човек, да го промовира општото добро и да го поддржува човечкото братство меѓу сите народи. Овие напори, кои не вклучуваат постигнување на политички, комерцијални или воени цели, се постигнуваат преку спроведување на позитивна неутралност – објасни папата Фрањо, додавајќи дека тоа и дава на Светиот Престол добро дефинирана позиција во меѓународната заедница која и овозможува подобро да придонесе за решавање на конфликти и други прашања.
Ватикан њуз/к.мк