Папата: Војната може да се победи само со невојување
„Има само еден начин да се победи војната: со невојување“. Ова го истакна папата Фрањо во директната врска со радиото на парохијата „Богородица Кармeлска“ од аргентинскиот град Кампо Гало кај Хуачана, провинција Сантијаго дел Естер.
По втор пат, откако минатата година, Папата се поврза со заедницата на Кампо Гало, благодарение на радио „Es de Dios“, чии емисии допираат до најоддалечените делови на земјата.
„Треба да одиме соединети. Секогаш е подобро пријателството отколку непријателството, мирот, отколку војната. Постои начин да се добие војната: да не се војува“, рече Папата. „Треба да вложуваме големи напори и да се грижиме едни за други. За да не сме едно тажно семејство, треба да се грижиме за децата, за возрасните, со онаа нежност на која нè научи Исус. За да се грижиме едни за други, треба да се грижиме и за нашиот заеднички дом“, истакна Папата.
„Кога одиме соединети, тоа ни помага да бидеме солидарни и ни дарува радост, бидејќи човекот не е создаден за да живее сам, туку во едно семејство“, додаде Светиот Отец.
Папата ја истакна својата голема желба, наскоро аргентинскиот богопосветен лаик Марија Антонија Де Паз и Фигероа, позната како „мама Антула“ да биде прогласена за блажена: „Молете се за нејзината беатификација затоа што мама Антула е пример за моќта на вашиот народ“. Божјата слугинка Марија Антонија де Паз и Фигероа ги промовираше духовните вежби на свети Игнацио од Лојола и околу себе собра група девојки со кои живееја заедно, кои се молеа и соработува со отците исусовци. Кога Isusovcite се протерани од Аргентина во 1767, мама Антула ја поминува цела Северна Аргентина, грижејќи се за нивната активност. Со себе носи секогаш еден дрвен крст, симбол на сиромаштијата и љубовта кон Христа.
Светиот Отец не заборави и на младите кои ги охрабри да не бидат „пензионери“, туку да се посветат на ближните за големи нешта, бидејќи тоа е единствениот начин да се спознае вистинската радост. „Треба да се сонува, бидејќи кој не сонува, има кошмари. Бог нека го благослови оној што сонува за големи нешта“.
РВ/В.Н.