Папата во Фиренца: Црквата живее меѓу луѓето и за луѓето
Христовите ученици – нагласи Светиот Отец – никогаш не треба да заборават дека се избрани од народот и никогаш не смеат да паднат во искушението да се држат високо или далеку од народот, како мислите и животот на луѓето да не се нивна грижа или за нив не се важни.
Папата Фрањо служеше света Литургија на стадионот Артемио Франки во Фиренца, а во проповедта нагласи дека е потребно Црквата да живее меѓу народот и за народот и рече дека треба да се одржува здрав контакт со реалноста и човеките животи. Христовите ученици никогаш не смеат да заборават дека тие доаѓаат од народот и никогаш не смеат да паднат во искушението да се држат над луѓето не обраќајќи внимание на нивните мисли и животи – рече Папата на последната точка од својата еднодневна посета на Тоскана по повод петтиот национален собир на Католичката Црква во Италија.
Папата во хомилијата се осврна на делот од Евангелието по свети Марко во кое Исус ги прашува учениците што луѓето зборуваат за Него, кој е Тој. Предупреди дека учениците кои не знаат што луѓето мислат стануваат „изолирани“ и започнуваат „да ги судат луѓето според сопствените мисли и уверувања“. Заради тоа – рече Папата – ученикот мора да има здрав допир со реалноста, животите на луѓето и нивните радости и таги. Тој е единствениот начин како можеме да им помогнеме и да комуницираме со нив.
Христовите ученици – нагласи Светиот Отец – никогаш не треба да заборават дека се избрани од народот и никогаш не смеат да паднат во искушението да се држат високо или далеку од народот, како мислите и животот на луѓето да не се нивна грижа или за нив не се важни. Црквата како Исус живее меѓу луѓето и за луѓето. Потребно е да се негува лична вера во Господ бидејќи единствено ако ја спознаеме вистината за Исус можеме да ја видиме вистината за човечката состојба и да допринесеме за „целосна хуманизација на општеството.“
Папата понатаму рече дека нашата радост се состои во делењето на верата, чија вистина соблазнува. Да се оди против струјата и да се надминат владеачките мислења на современото општество во кое и денес – како и во минатото – луѓето не се способни да препознаат во Исус ништо повеќе од пророк или учител. Истакна дека доброто кое го сееме на својот пат како христијани помага во создавањето на „ново и обновено човештво“ во кое никој не се маргинализира или отфрла, во кое служителите се најголеми и во кое децата и сиромашните се прифаќаат и им се помага.
Спомнувајќи ја важноста на хуманизмот во најкреативниот период од историјата на Фиренца, Папата истакна дека секогаш имал каритативно лице и ја упатил молитвата до Бог за нов хуманизам – како во тој град така и во цела Италија.
РВ/к.мк/Д.И.