На екуменската средба во лутеранската катедрала во Рига, папата Фрањо истакна дека сведоштвото на браќата кои денес живеат во прогонство или дури имаат поднесено мачеништво заради својата вера, може да ни помогне да откриеме дека Господ нѐ повикува да го живееме Евангелието.
По завршената посета на Литванија, Светиот Отец утрото на 24 септември пристигна во Летонија и така го започна вториот дел од апостолската посета на трите балтички земји. Треба да бидеме Господови „ученици мисионери“ среде светот во кој живееме – ги поттикна папата Фрањо верниците од различните христијански Цркви во Летонија, кои сочинуваат 60% од вкупното население, собрани во лутеранската катедрала Света Марија во Рига.
Откако поздрави 10 поглавари на христијанските деноминации и застана пред гробот на свети Мајнхард, Папата изрази надеж дека музиката на Евангелието и понатаму ќе се слуша во Летонија, која се истакнува по остварувањето на екуменското почитување, соработката и пријателството, во кои се обликувало единството задржувајќи го богатството и посебноста на секоја христијанска заедница со живиот екуменизам кој е причина за надеж и благодарност.
Единствениот можен пат за екуменизам
Таа Исусова молитва пред Неговата жртва, гледајќи го во лице својот крст и крстот на бројни наши браќа, ја црта патеката и ни го покажува патот кој треба да го следиме – објасни Папата. Потопени во Неговата молитва, како оние кои веруваат во Него и во Неговата Црква, сакајќи заедништво на милости (…), таму го наоѓаме единствениот можен пат за секој екуменизам: во крстот на страдањето на големиот број млади, стари луѓе и деца кои често се изложени на искористување, бесмисленост, недостаток на можности и осаменост. Додека го гледа Отецот и нас, своите браќа, Исус не престанува да моли: сите да бидат едно – истакна Папата.
Христијанската традиција не смее да стане предмет на минатото
Се осврна на оргулите во катедралата, меѓу најстарите во Европа кои за локалното население се дел од нивните животи, традицијата и идентитетот, додека за туристите се уметничко дело кое треба да го запознаат и да го фотографираат, Папата потсети на опасноста која постојано демне, односно на можноста како жители да се претвориме во туристи, и така она по што се препознаваме да го направиме предмет на историјата, туристичка и музејска атракција која потсетува на некогашните потфати на големите историски вредности, но која повеќе не ги допира срцата на оние кои ја слушаат.
Со верата може да ни се случи истата работа – рече Светиот Отец. Можеме да престанеме да се чувствуваме „населени“ христијани и да станеме туристи. И повеќе, би можеле да кажеме дека целата наша христијанска традиција може да ја има истата судбина; да биде сведена на предмет од минатото, кој затворен внатре во ѕидовите на нашите цркви престанува да ја интонира мелодијата која е способна да придвижи и да вдахне живот и срце на оние кои ја слушаат. Но, нашата вера не може да остане сокриена – истакна Папата повикувајќи се на делот од Евангелието според Лука – туку со неа треба да се запознаваат другите и таа треба да одекнува во различните средини на општеството за сите да можат да ја гледаат нејзината убавина и да бидат осветлени со нејзиното светло.
Борете се за достоинството на секој маж и жена
Ако музиката на Евангелието престанува да одекнува во нашите домови, на нашите плоштади, на работните места, во политиката и економијата, ќе згасне мелодијата која нѐ поттикнувала на борба за достоинството на секој маж и жена (…), затворајќи нѐ во поимот „мој“, заборавајќи го „наш“; нашиот заеднички дом кој се однесува на сите луѓе.
Екуменизмот на крвта
Освен тоа, папата Фрањо ги поттикна сите да не се затвораат, но ниту да се предаваат пред тешките и сложени денешни времиња. Не можеме да не признаеме дека сегашното време не е лесно, посебно за бројните наши браќа и сестри кои заради верата се принудени на прогонство дури и на мачеништво. Но нивното сведоштво нѐ води до откривање дека Господ и понатаму вика и повикува да се живее Евангелието потполно, со радост и благодарност. Ако Христос смета дека сме достојни да живееме во ова време, не можеме да дозволиме да нѐ победи стравот – рече папата Фрањо и на крајот истакна дека Господ нѐ повикува да го живееме единството мисионерски, за да излеземе и да дојдеме до срцето на нашиот народ и култура, до постмодрното општество во кое живееме. Тоа екуменско послание ќе успееме да го оствариме ако дозволиме целосно да нѐ исполни Христовиот Дух.
Ватикан њуз/к.мк