Во недела попладне, 15 февруари 2026 година, папата Лав XIV ја посети парохијата Пресвета Богородица, Царица на мирот, во крајбрежниот град Остија. Ова беше прва од петте посети на римски парохии, планирани пред Велигден. Во својата проповед тој повика на „разоружувачката сила на нежноста“ како одговор на растечката култура на насилство, која особено е присутна во овој град. Тој помина неколку часа во срдечна атмосфера, среќавајќи се со парохијаните.
„Ова е мојата прва посета на парохија во мојата нова бискупија. Многу сум среќен што почнувам токму одовде, од Остија. Во парохија што го носи името на Пресвета Богородица, Царица на мирот, многу важно во времињата во кои живееме“, рече Лав XIV на почетокот на својата посета на крајбрежниот град Остија, поврзан, меѓу другото, со почитувањето кон Свети Августин и Света Моника.
За време на средбата во парохијата, Папата беше придружуван, меѓу другите, од викарот на Римската бискупија, кардинал Балдо Реина, и од локалниот парохиски свештеник, отец Џовани Патане од Друштвото на католичкиот апостолат (SAC).
Потребата од христијански одговор на насилството
Остија често се појавува во италијанските медиуми во контекст на криминал и насилство, а Папата ја спомена оваа тешка реалност и во проповедта за време на Литургијата. Потсети дека тоа насилство понекогаш ги погодува и младите луѓе и тинејџерите, „понекогаш потхрането од злоупотреба на супстанции“ или „од активностите на криминални организации кои ги експлоатираат луѓето, вовлекувајќи ги во злосторства и следејќи неправедни интереси со незаконски и неморални методи“.
Како одговор на оваа тешка реалност, Папата охрабри пасторални и воспитно-образовни активности што ќе го поддржат почитувањето, хармонијата и „разоружувачката сила на нежноста“, која се спротивставува на „културата на насилството и неправдата“. Оваа порака, одговор на современите закани со христијанска верност кон Евангелието, е најсилната порака што произлезе од посетата на Папата.
Надежта е во младите
Претставници на разновидната локална заедница учествуваа на средбата и молитвата со Папата: деца и млади, семејства и мигранти, сиромашни и болни, свештеници, монахињи, волонтери, пасторални соработници и државни службеници, покажувајќи го богатството и разновидноста на локалната Црква. Младите одговорија со особен ентузијазам, а Лав XIV ги охрабри:
„Дајте збор на надежта: вие сте надежта! Треба да сфатите дека во вашите срца, во вашиот живот, во вашата младост има надеж, денес и утре.“
Потоа, обраќајќи им се на младите спортисти кои се собраа и во парохиската спортска сала, Папата потсети дека „спортот нè учи да бидеме браќа и сестри, да ги оставиме настрана разликите и да кажеме: сите сакаме да работиме како тим, сакаме да бидеме дел од група што ги остава зад себе разликите и секогаш се стреми кон целта“.
Да му бидеш верен на Бог, само Тој те прави среќен
Тежиштето на Папската посета беше светата Литургија, која Лав XIV ја служеше со учество на верните и на локалната заедница од свештеници. Во проповедта тој говореше за „став на верност кон Бог, заснован на почит и грижа за другите, во нивната неповредлива светост, што треба да се негува најпрво во сопственото срце, а потоа во делата и зборовите“. Токму во човечкото срце, рече Папата, се раѓаат „најблагородните чувства“, но од него произлегуваат и „најболните навреди“: завист, гнев и омраза.
„Кога и ние ќе се најдеме во ситуација да ги судиме и презираме другите, да се сетиме дека злото што го гледаме во светот има корени токму таму каде што срцето станува студено, тврдокорно и без милост“, потсети Светиот Отец, нагласувајќи колку е важно да останеме прилепени кон Христос пред современите предизвици.
Ценете ја важноста на парохијата
Папата потсети и дека парохијата може да биде школа за чесност, гостопримство и љубов што „ги надминува човечките граници“. Ја охрабри да стане школа за „учење да им помагаме не само на оние што ни возвраќаат со истото и да ги пречекуваме не само оние што нè пречекуваат, туку да им се обраќаме на сите на бесплатен и слободен начин“, сето тоа учи на усогласеност меѓу верата и животот.
„Дури и оние што се робови на злото можат преку вас да го сретнат Бог на љубовта, Единствениот што го ослободува срцето и го прави човекот вистински среќен“, потсети Папата.
Оваа охрабрувачка порака за парохијата продолжи и по Литургијата, со средбата на Лав XIV со членовите на Пасторалниот совет, продолжувајќи ја традицијата на вакви средби што тој ги имаше и во перуанските парохии кои ги посетуваше како бискуп.
Разоружувачката сила на нежноста
Папата потсети дека за време на Првата светска војна, Бенедикт XV ја посетил парохијата на Пресвета Богородица, Царица на мирот. Светиот Отец забележа дека, иако тоа се случило одамна, „и понатаму се собираат многу облаци над светот, со ширењето на логика што е спротивна на Евангелието“ и која го воздигнува надмоќниот, ја поттикнува ароганцијата и го храни искушението за победа по секоја цена, а истовремено останува глува за крикот на страдалниците и на беспомошните.
„Да се спротивставиме на оваа струја со разоружувачката сила на кротоста, продолжувајќи да молиме за мир, прифаќајќи го и умножувајќи го неговиот дар со истрајност и смирение“, повика Папата, потсетувајќи дека „нашиот мир е Христос“.
Тој мир го наоѓаме кога ќе му дозволиме на Христос да нè зафати и преобрази, отворајќи ги срцата за Него и за луѓето што Тој ги става на нашиот пат, нагласи Папата.
Ватикан њуз/к.мк

