Папата во Екваторска Гвинеја: Христос ја открива хармонијата меѓу верата и разумот

Папата во Екваторска Гвинеја: Христос ја открива хармонијата меѓу верата и разумот

За време на средбата со претставниците на светот на културата во Малабо, во кампусот „Лав XIV“ на Националниот универзитет на Екваторска Гвинеја, папата Лав XIV повторно ја истакна поврзаноста меѓу верата и разумот и предупреди дека Христос не смее да се сведува на „религиозно бегство“ од интелектуалниот напор.

„Христос не се јавува како религиозно бегство пред интелектуалниот напор, како верата да започнува таму каде што завршува разумот. Во Него се открива хармонијата меѓу вистината, разумот и слободата.“

Со овие зборови папата Лав XIV се обрати на средбата со светот на културата во Малабо, одржана на 21 април 2026 година, во кампусот „Лав XIV“ на Националниот универзитет на Екваторска Гвинеја.

Папата се осврна на отворањето на новиот универзитетски кампус што го носи неговото име, изразувајќи благодарност за гестот, но нагласувајќи дека таквата одлука го надминува значењето на личната почест, бидејќи сведочи за вредностите што сите сакаме да им ги пренесеме на другите.

Отворањето на еден универзитетски кампус, рече тој, е повеќе од административен чин. Тоа е чин на доверба во човекот, потврда дека вреди да се вложува во образованието на новите генерации и во благородната задача на барањето на вистината и ставањето на знаењето во служба на општото добро.

Во тој дух, Папата рече дека со тоа се отвора простор за надеж, средба и напредок. За да ја објасни мисијата на универзитетот, ја употреби сликата на дрвото, потсетувајќи дека за народот на Екваторска Гвинеја сеибата, националното дрво, има големо симболично значење.

Длабоки корени и истрајно барање на вистината

Папата истакна дека дрвото пушта длабоки корени и бавно, со трпение и сила, се издигнува кон височините, носејќи плодност што не постои сама за себе.

На сличен начин, и универзитетот, според неговите зборови, е повикан да биде цврсто вкоренет во сериозноста на студирањето, во сежавањето на еден народ и во истрајното барање на вистината.

Тој додаде дека историјата на човештвото може да се чита и преку симболиката на некои библиски дрвја, а потоа потсети дека христијанската традиција размислува и за друго дрво, дрвото на Крстот, како знак на искупувањето на човечката разумност.

„Ако во Книгата Битие го гледаме искушението знаењето да се бара одделено од вистината и добрината“, рече тој, „на Крстот ја гледаме откриената вистина, Исус Христос, Кој преку љубовта се принесува Себеси и нè издигнува до достоинството со кое сме создадени уште од почетокот.“

На Крстот, продолжи Папата, човекот е повикан да дозволи неговата желба за знаење да биде исцелена и повторно да открие дека вистината не се измислува, не се манипулира и не се поседува како трофеј, туку се прима, се бара со понизност и се служи со одговорност.

Верата го очистува разумот и го отвора кон полнотата

Во овој контекст, папата Лав XIV нагласи дека Христос не е бегство од мисловниот напор. Во Него, рече тој, се открива хармонијата меѓу вистината, разумот и слободата.

Тој објасни дека вистината е стварност што му претходи на човекот, го предизвикува и го повикува да излезе од себеси. Токму затоа, рече Папата, вистината може да се бара со доверба.

Верата, додаде тој, учествува во тоа барање, ја очистува човековата самодоволност и го отвора разумот кон полнотата по која се стреми, дури и кога не може целосно да ја опфати.

На тој начин, рече Светиот Отец, дрвото на Крстот ја враќа првобитната смисла на љубовта кон знаењето и нè учи дека знаењето значи отвореност кон вистината, со разбирање и на нејзината смисла и на тајната што ја содржи.

„Така, барањето на вистината останува навистина човечко: понизно, сериозно и отворено кон вистината што ни претходи, нè повикува и нè надминува.“

Образование што го обликува целиот човек

Папата потоа забележа дека не е доволно едно дрво само да раѓа плод, туку важен е и квалитетот на плодот.

Со таа мисла, тој ја повтори „искрената желба“ на Црквата, која со векови е присутна во образованието, новите генерации да се формираат на целосен и интегрален начин.

„Ако на ова место се формираат генерации мажи и жени обликувани од вистината и способни сопствениот живот да го претворат во дар за другите“, рече папата Лав XIV, „тогаш сеибата ќе остане речит симбол, вкоренет во најдоброто од оваа земја, издигнат од мудроста и богат со плодови што ѝ оддаваат чест на Екваторска Гвинеја и го збогатуваат целото човечко семејство.“

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот