Папата во Барселона: Христијаните нека бидат градители на единство во поделениот свет

Папата во Барселона: Христијаните нека бидат градители на единство во поделениот свет

По пристигнувањето во Барселона, во вторник 9 јуни 2026 година, папата Лав XIV предводеше пладневна молитва во градската катедрала и ја охрабри католичката заедница да биде „сведок и пророк на единството“.

Втората етапа од посетата на папата Лав XIV на Шпанија започна со пладневна молитва во катедралата во Барселона.

Пристигнувајќи директно од аеродромот, Папата беше пречекан од радосно мноштво верници, меѓу кои епископи, каноници, епархиски службеници, монаси, семинаристи, персоналот на катедралата, волонтери и голем број млади луѓе.

Папата Лав најпрво влезе во страничната капела, каде што остана во кратка молитва пред Пресветата Тајна, а потоа се упати по централниот брод на катедралата, додека хорот ја пееше воведната химна.

Во својата проповед, изговорена на шпански и каталонски јазик, Папата ги повика верниците да размислуваат за две слики: Невестата и Телото.

Невестата

Црквата, објасни папата Лав XIV, е пред сè „возљубена Невеста“, а католичката заедница во Барселона, со своето богато мноштво дарови, харизми и лични приказни, е сведоштво за тоа.

„Бог сакаше да бидете тука“, рече Папата, „зашто во вас и во вашето заедничко постоење Тој сака единствена и света убавина и добрина. Тој денес ве избра да го претставувате заедништвото на светците што живее во Барселона.“

Папата нагласи дека Црквата е „плод на чин на љубов што ѝ претходи и што доаѓа од Бога“. Тоа значи, рече тој, дека Црквата расте пред сè тогаш кога дозволува да биде љубена од Него, со смирено и благодарно срце, „зашто само оние што дозволуваат Бог да ги љуби можат, заедно со другите, да градат дела на љубовта“.

Телото

Потоа папата Лав XIV се осврна на втората слика: Телото.

Сите сме едно тело со Христос, забележа Папата, и како во секое тело, „има членови што се посилни и други што се послаби“.

Понатаму, додека некои членови на Црквата „се видливи и извршуваат функции што се очигледни за надворешниот свет“, други се скриени, „работејќи однатре, во некои случаи без престан и извршувајќи животно важни функции без никој да ги забележи“.

Соочени со таквата различност, Папата ги охрабри верниците да му дадат предност на единството: „Ние сме силни затоа што сме обединети, а обединети сме затоа што сме оживеани од истиот Дух.“

Во свет растргнат од војни и поделби, и во општество што станува сè пофрагментирано и поиндивидуалистичко, Папата ги повика христијаните да бидат „маченици“, односно, како што објасни, „сведоци и пророци на единството, на прифаќањето, на хармонијата и на мирот, дури и по цена на жртва и одрекување“.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот